По големиот комеморативен митинг одржан на 1 ноември во Нови Сад, студентите на блокада од сите универзитети во Србија подготвуваат нови протести во нивната борба за распишување предвремени парламентарни избори.
Сепак, како што открија во едно интервју, плановите за овој месец се променети поради нивната поддршка за Дијана Хрка, а годишнината од блокадата, 29 ноември, се споменува како можен датум за следниот голем собир, објавува Нова.рс.
„Дефинитивно имаме план за нови протести, интензивно работиме на тоа, но некои неочекувани настани малку нè нарушија. Сега сите сме фокусирани на Дијана Хрка и поддршката што сакаме да ѝ ја пружиме. Имавме план за ноември, за протестите што ги одложивме“, рекоа студентите на Универзитетот во Нови Сад.
Покрај борбата за предвремени парламентарни избори, студентите подготвуваат и политичка програма. „Студентскиот список е готов, а сега сме фокусирани на политичката програма што ја подготвуваме заедно“, додадоа тие.
Студентите од универзитетите во Белград и Нови Сад нагласуваат дека ќе објават заедничко соопштение, или поточно најава за нови акции, дури откако сите пленуми ќе се согласат за идните планови.
„Само кога сите ќе се согласат, ќе знаеме кога ќе има нови акции. Нема одмор и не правиме паузи, но понекогаш се случуваат непланирани активности, како оваа со Хрка, што е наш приоритет. Се заседава секојдневно, а наскоро ќе имаме заеднички план“, велат студентите.
Тие нагласуваат дека се разгледува датум за следниот голем собир, но засега ништо не е потврдено.
фото: принтскрин
Текстот Студентите во Србија не се откажуваат: објавија нови планови е превземен од МАКФАКС.























