Универзитетското студентско сообрание (УСС-УКИМ) за утре, 22 ноември, најавува протест поради проблемите со јавниот превоз што ќе се случува од 14 часот пред Стара Пошта и ќе продолжи во 14.30 часот пред Град Скопје.

Организаторите ги повикаа сите да излезат на протестот и да го искажат незадоволството.

По спроведената анкета на која одговориле 3.568 студенти, 85 отсто од нив рекле дека во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 66,7 проценти од нив, чекаат автобус над 20 минути.

Дополнително, 93,6 отсто од студентите не се задоволни од квалитетот на јавен градски превоз во градот, а 66,7 проценти изјавиле дека од истите воопшто не се задоволни од истиот.

Дополнително, организаторите на протестот апелираат на воспоставување на нови и ефикасни транспортни решенија и конечно отпочнување на предвидените инфраструктурни проекти најавени во градоначалничката предизборна програма, но и од страна на претходните градоначалници.

Конкретно, барањата се следните: Продолжување и финализирање на проектот за Bus Rapid Transit; Воведување на градска железница со искористување на постоечките капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје; Отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти (Јужен Булевар, бул. Хрватска, бул. Србија, мостот кај Хотел Русија, продолжување на бул. Климент Охридски преку Вардар, под Кале до бул. Никола Карев, продолжување на бул. Илинден, Источна обиколница), Набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии; Надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови на транспорт.