Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања, беше една од пораките кои студентите ги упатија на денешниот протест за проблемите со јавниот превоз.

Од Универзитетското студентско сообрание (УСС-УКИМ) беа испратени барањата до Град Скопје, меѓу кои отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти, набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, како и надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативните видови на транспорт.

Говорниците на протестот истакнаа дека по спроведена анкета на која одговориле 3.568 студенти, 85 отсто од нив рекле дека во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 66,7 проценти од нив, чекаат автобус над 20 минути.

Дополнително, 93,6 отсто од студентите изразиле незадоволство од квалитетот на јавен градски превоз во градот, а 66,7 проценти изјавиле дека од истите воопшто не се задоволни од истиот.

Кон протестот се приклучи и Сојузот на средношколци.

Берим Мухамед изјави дека веќе две години Сојузот на средношколците се залага јавниот скопски превоз да биде фер за сите.

Тој рече дека иако на учениците од приватните училишта не им било дозволено да имаат бесплатен превоз, и тие од државните останале без превоз.

Од Сојузот велат дека учениците не треба да отсуствуваат од часови, и половина од класовите биле празни поради проблемите со ЈСП.

На протестот зборуваше и градоначалникот на Шуто Оризари, Курту Дудуш кој упати повеќе барања до Арсовска и ја повика да покаже политичка зрелост и да понесе одговорност.

По вчерашната владина одлука да му позајми на Градот од државните резерви на нафта, автобускиот сообраќај денес е вратен во нормала.