Адела Ајдиноска на своето детство се сеќава како на нешто најмрачно во животот, со ужасни сцени и хаос што настанал дома поради нејзиниот татко алкохоличар, и постојаното отсуство на мајка ѝ поради професијата. Сепак, нејзината трауматична приказна од детството и тинејџерските денови, во поново време доби среќен крај, благодарение на љубовта што ја нашла.
Адела е 24-годишна студентка на медицина, родена во Струга, а веќе шест години живее во Скопје. Велат дека секоја планина си ја носи својата тежина, но од „планината“ на Адела силно се чувствува болката. Затоа, внимавајте за што кукате и се жалите. Зашто Адела, и покрај сè што поминала, денеска цврсто стои на земја. И не се жали. Всушност, приказната на Адела е тажна, со среќен крај.
Израснала во скромно семејство, заедно со своите родители, сестрата, бабата и дедото, како и нејзината немажена тетка (сестра на таткото, н.з). Адела на своето детство се сеќава како на нешто најмрачно во животот поради сите ужасни сцени и хаосот што настанал поради нејзиниот татко алкохоличар. Во тие моменти, таа и нејзината сестра најчесто биле заклучувани во соба, од каде што ги слушале страотните викотници од кои само можеле да претпоставуваат што се случува. Еве како Адела се чувствувала во тие моменти и кои биле нејзините најголеми стравови:
– Секако дека е страшно и непријатно искуство што те следи во текот на целиот живот. Кошмар од кој не можеш да се разбудиш. Чувствував голем страв, неизвесност и вознемиреност. Едноставно, не знаев што се случува околу мене, во тие моменти мислев дека нешто ќе ми се случи, или на мојата сестра. Само се молев да престане сиот тој хаос. Буквално на ниедно дете не му посакувам такво детство.
Еј, видете ме, тука сум! Но не добив внимание
Мајката на Адела работела како медицинска сестра поради што немала доволно време да им се посвети на своите деца, а сè што требало да добијат од неа, добивале од тетка им. Адела вели дека токму физичкото отсуство на мајката е она што најмногу ѝ оставило последици, бидејќи на секое дете му се неопходни љубов, грижа и воспитување. Поради ова, како дете се чувствувала отфрлено и осамено, а во тинејџерските години гневно и бесно.
– Целосно и апсолутно се обвинував себеси. Мислев дека не сум добро дете и дека сето тоа што се случува го заслужувам бидејќи, за жал, тоа ми беше и повторувано речиси секогаш кога ќе се обидев да се докажам или да се потрудам да бидам забележена, секогаш носев во себе едно малечко детенце кое мавта со рачињата „Еј, видете ме, тука сум!“ Но, внимание не добивав. Тоа за едно мало детенце е тотално уништување на психичкото здравје и развој – раскажува таа.
Кога била помалечка на училиште ја задевале и малтретирале, смета дека другите деца го „намирисале“ нејзиниот страв. Се обидела за ова да разговара со домашните, но не наишла на разбирање. Добила прашања од типот: Зошто не си како ќерката на….? Зошто не можеш да бидеш како….? Како само тебе најдоа да те малтретраат…? Ајде, не изигрувај жртва, нормално е тоа, деца сте, си играте.
– Имаше периоди кога не знаев што ми е полошо, да бидам дома или да сум на училиште. За среќа имав поддршка од мојата тетка, па се изборив некако со сè тоа. Меѓутоа, кога настапија „лудите години“, е тогаш сосема се смени сè, станав бесна и лута на сè околу мене. Бев многу под стрес, почнаа анксиозните напади и светот ми се чинеше тешко место за живеење. Најмногу ми фалеше топлина, совет и добар збор. На дете во тинејџерски години и со депресивни епизоди му се пристапува со внимание, a кај нас, за жал, беше обратно и тоа направи контраефект – продолжува Адела.
Посегнала по својот живот, завршила во психијатриска болница
На 20-годишна возраст Адела посегнала по својот живот. Тогаш, нејзината мајка и вујкото ја однеле во психијатриската болница во Скопје, со образложение дека само ќе разговара со психијатар, по што ќе се вратат дома. Бидејќи не била согласна да остане, добила шамар од болничарот кој со сила ѝ тутнал лекови во уста.
– Бев потполно свесна, меѓутоа бев премногу разочарана од себе и од животот, мене не ми требаа ладните болнички ѕидови, ми требаше мајчинска љубов. Подоцна дознав дека постоело и претходно познанство на некои членови од тимот во болницата со моите роднини – објаснува Адела.
Во деновите за посета, единствено столчето на Адела било празно. Причината поради која никој не ја посетувал, ја припишува на идеологијата и воспитувањето на мајка си која, исто така, била научена дека сè сам треба да поминеш. Адела за неа вели: „Иако таа е голем борец, во улогата на мајка потфрли, за жал. Беше херој за сите освен за мене, за нас децата“.
Адела во моментов се чувствува добро, сакано и заштитено, поради својот партнер, кој ја познава многу добро, ја разбира и ја заштитува.
– Навистина тој ми е подарок за сè лошо што се случило досега – вели таа.
Од моето детство научив како не треба да се третира дете
Ја прашувам Адела какви лекции научи од тој животен период и во која насока размислува да ги воспитува своите деца?
Еве го нејзиниот одговор:
– Од моето детство научив како НЕ ТРЕБА да се третира едно дете. Значи сите црвени знаменца ги знам. Пред околу две години присуствував на еден интересен настан од УНИЦЕФ во Скопје, каде што се разговараше за родителствувањето и како правилно да се воспита едно дете. Има страница на социјалните мрежи каде што многу убаво е објаснето каков треба да биде пристапот кон децата и како да се биде добар родител. Апелирам до сите идни мајки и татковци добро да се информираат и образоваат, пред да одлучат да планираат семејство. Добро би било ова да биде вклучено и во наставата за средношколци, да се одвои час – два за диксутирање на оваа тема, планирање семејство, несакани бремености, тинејџерска бременост. Нека бидат информирани и децата и возрасните. Да се биде добар родител е да завршиш еден цел факултет.
И покрај сè, оваа девојка е во контакт со своите родители. Вели дека лошите спомени, полека, но сигурно ги фрлаат зад грб, и додава:
– Тие се моја крв, а јас сум нивна творба. Во оваа прилика сакам да кажам, кој и да се пронајде во текстов или му се случувало истото, ова не е да ве охрабрам да се спротивставувате против родителите, туку да го кренете гласот, ама и да простите. На крајот на денот сите правиме по некоја грешка, некој помала, некој поголема. Важно е да си простуваме едни на други. Животот е премногу краток за да носиме толку тешки товари на наш грб.
Адела планира да ја напушти Македонија, не затоа што не ја сака татковината, туку затоа што, како што вели, има потреба од „свеж воздух“, нови места, нови луѓе, нова страница со позитивни спомени и секако, шанса за подобар и поперспективен живот. Во Германија сака да работи нешто поврзано со медицината, откако ќе се дообразова таму. Ја интересира психијатријата, психологијата и социјалните гранки.
– Би сакала да работам на решавање на проблеми слични на тие што сум ги преживеала, мислам дека тоа многу ќе ме исполни како личност, а факт е и дека човекот е створен да го разбере најдобро другиот само кога ќе помине низ истото, само кога ќе почувствуваме вистински како боли на своја кожа, тогаш можеме многу подобро да го разбереме другиот и да помогнеме.
Ѝ посакуваме на нашата храбра Адела исполнување на плановите и зачувување на сè што зрачи од неа!