38-годишниот О.В. од Струмица е приведен под сомнение дека учествувал во серија измами на постари лица, користејќи лажна приказна за итни операции на блиски роднини. Кај него се пронајдени над 15.000 евра и 50 швајцарски франци, за кои се верува дека се стекнати со криминални активности.

Според информациите од полицијата во овој град, осомничениот во два случаи успеал да измами 84-годишна и 68-годишна жена од Струмица, а во трет случај бил спречен да ја измами 77-годишна жена. Измамите се случувале преку телефон, каде друго лице ѝ се јавувало на жртвата претставувајќи се како медицински работник. Со тврдења дека е неопходна итна операција на нивна ќерка или снаа, жртвите биле убедени да предадат пари.

Откако ќе се договорел со жртвите, О.В. доаѓал на локациите што му биле кажувани и ги подигал парите. Полицијата го уапсила вчера напладне, а во моментот на приведување биле пронајдени 15.150 евра и 50 франци.

Во службен разговор, О.В. го признал начинот на кој ги извршувал делата. Случајот е пријавен во Обвинителството, и по негово целосно документирање, против него ќе биде поднесена кривична пријава.

Надлежните повторно апелираат до граѓаните, особено повозрасните, да бидат внимателни при телефонски контакти со непознати, да не веруваат во итни приказни без проверка, да не предаваат пари на непознати лица и секој сомнителен случај веднаш да го пријават.

Текстот Струмичанец измамил постари жени со приказна за „итна операција“, приведен со 15.000 евра кај себе е превземен од МАКФАКС.