Инспекторатот забележа пропусти на Детската клиника по надзорот, а во врска со случајот со седуммесечното бебе кое било пуштено дома по првиот преглед, па хоспитализирано по два дена кога состојбата дополнително се влошила.
„Доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување. При надзорот исто така е констатирано дека на клиниката сеуште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, а за кое во ДСЗИ се води прекршочна постапка”, се вели во извештајот на ДСЗИ.
Инспекторатот ќе бара од министерот за здравство да формира посебна комисија која ќе изврши и стручен надзор врз начинот на којшто било лекувано бебето.
Родителите седуммесечното бебе го однеле на Детската Клиника на 9 декември, а по прегледот било пуштено дома. По два дена состојбата се влошила и поворно било донесено на Клиника. Од Одделот за неврологија, по 48 часа бебето било пренесено на Одделот за интензивна нега и терапија. По стабилизирање на состојбата, повторно било вратено на Одделот за неврологија, каде престојувало неколку часа, по што повторно е вратено на ОИНТ, каде се направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања, што укажуваат на тешка општа состојба на детето. На 15 декември бебето починало.