Силите на сириската влада се обвинети за масакр во болница во јужната провинција Суеида, за време на судирите што почнаа пред нешто повеќе од една недела. Новинар на „Би-би-си“ ја посети Националната болница во Суеида, каде што медицинскиот персонал тврди дека војници ладнокрвно убивале пациенти во болничките оддели.
„Тоа беше масакр“, изјави д-р Висам Масуд, неврохирург во болницата.
„Војниците дојдоа со тврдење дека носат мир, а убија десетици пациенти, од најмлади до најстари.“ Докторот споделил и снимка што наводно го прикажува моментот по нападот – на видеото се гледа жена која се движи низ болницата, додека на подот лежат тела на пациенти, завиткани во крвави чаршафи.
Сите – лекари, медицински сестри и волонтери – ја раскажуваат истата приказна. Тврдат дека минатата среда навечер, владините сили на Сирија насилно влегле во болницата, насочени кон верската заедница на Друзите, и таму извршиле масовни убиства.
„Кој е нивниот грев? Само тоа што се малцинство во демократска земја?“, прашува волонтерката Кинес Абу Мотаб.
„Тие се криминалци. Тие се чудовишта. Немаме ни трошка доверба во нив“, рече Осама Малак, наставник по англиски, пред влезот на болницата.
„Му пукаа во глава на осумгодишно дете со инвалидитет. Болниците според меѓународното право треба да бидат заштитени, но тие не поштедија никого – влегоа и почнаа да пукаат на сите. Пукаа во луѓе додека спиеја во креветите.“
Сите вклучени страни во овој конфликт се обвинети за злосторства – и бедуинските и друзиските борци, како и сиријската армија. Се зборува за убиства на цивили и егзекуции без судење. Сѐ уште нема независно потврдена слика за тоа што точно се случило во болницата. Неформални проценки велат дека бројот на загинати минатата среда надминува 300, но овие бројки засега не се официјално потврдени.
Сириското Министерство за одбрана објави дека е запознаено со извештаите за „шокантни прекршувања“ од страна на лица во воени униформи во Суеида. Министерот за управување со катастрофи, Раед Салех, изјави дека сите обвинувања за злосторства ќе бидат темелно истражени.
Пристапот до Суеида е строго ограничен, што го отежнува прибирањето директни докази. Градот е речиси под опсада, со тоа што владините сили го контролираат влезот и излезот. Новинарската екипа на „Би-би-си“ морала да помине бројни контролни пунктови. На влезот во градот, сведочеле за уништени продавници и згради, како и автомобили здробени од тенкови – доказ за жестоки борби меѓу друзиските и бедуинските борци.
Иако владините сили повторно презедоа контрола над неколку друзиски села, самиот град Суеида, со над 70.000 жители, и натаму останува под целосна контрола на Друзите.
Текстот Страшни сведоштва од болница во Сирија: „Пукаа во пациентите додека спиеја“ е превземен од МАКФАКС.