Наместо со тендер, со закон е избрана фирма која ќе гради автопатишта. Изградбата на Коридорите 8 и 10 сега се отворен пат за корупција, сметаат антикорупционерите по синоќа изгласаниот закон преку кој е избран американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, да ги гради патиштата. Според Антикорупциска, законското решение преставува висок ризик за корупција и судир на интереси и го нарушува правниот систем со кршење на уставните начела за слобода на пазарот, како и начелото за преземање мерки против монопол.

Advertisements

„Во Законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбритрежност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при воспоствувањето на комитетот за преговори…“, рече Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

За антикорупционерите спорен е изборoт на фирмата бидејќи е веќе поврзана со низа корупциски скандали при изградба на патишта на Балканот.

„Немаме никакво образложение токму зошто оваа фирма којашто и веќе на одреден начин се докажала, барем според медиумите, дека учествувала во низа корумптивни скандали, повторно е избрана за овој стратешки партнер…?“, рече Владимир Георгиев, член на ДКСК.

На истиот начин пред неколку години тогашната Влада на Никола Груевски склучи договор без тендер со кинеската фирма Синохидро за автопатите Кичево – Охрид и Миладиновцки – Штип. За истото им се суди на Груевски, Миле Јанакиески и екс-вицепремиерот Владимир Пешевски.

„Поминаа веќе 7 години од тој договор во четири очи со „Синохидро“ и со донесен закон по ист принцип. Сите знаеме колкава беше штетата и остана уште неразјаснето, па сега се продолжува исто во четири очи“, рече Нури Бајрами, Член ДКСК.

Но, додека антикорупцинерите на прес-конференција бараа претседателот Пендаровски да не го потпишува указот на законот, тој тоа веќе го стори.

„Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Пендаровски ги повика сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд. Антикорупционерите најавија дека ќе го сторат тоа. Според договорот, „Бехтел-Енка“ треба да ги проектира и изгради автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Цената засега не е позната.

Игор Стефановски