Во првите 100 дена од новиот мандат, Општина Ѓорче Петров реализираше низа инфраструктурни, образовни и развојни активности, со фокус на капитални инвестиции, подобрување на условите за живот и долгорочно планирање на локалниот развој, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.

Советот на Општината го донесе развојниот буџет за 2026 година во износ од 1,45 милијарди денари, од кои речиси 60 проценти се наменети за капитални инвестиции, односно над 596 милиони денари за конкретни проекти на терен.

Градоначалникот Стојкоски истакна дека резултатите се доказ за континуирана и посветена работа на општинската администрација и тимот кој работи во интерес на граѓаните.

-Во изминатите 100 дена покажавме дека со јасна визија, одговорно управување и постојана работа на терен можат да се постигнат видливи резултати. Нашата цел останува иста – рамномерен развој на сите населени места и подобар квалитет на живот за секој жител на Ѓорче Петров – изјави Стојкоски.

Во делот на инфраструктурата, тој информира дека се реализирани нови улици и локални патишта во повеќе населени места, при што се изградени над 10.300 метри нови коловози, 800 метри нови патишта во Кучково, нов пат во Никиштани, како и нови патни решенија во Орман. Изграден е и новиот главен пат Ново Село – „Св. Архангел Гаврил“, а реконструирани се улици во Стопански Двор и улицата „Воин Драшкоци“ во Хром, каде е поставена и атмосферска канализација.

Дополнително, додаде тој, воспоставена е нова топловодна инфраструктура во населбата Александрија, со што се обезбедува почист начин на греење и намалени трошоци за домаќинствата, додека преку чистење на каналската мрежа се решаваат долгогодишни проблеми на улиците „Радушка“ и „Арсени Јовков“.

Стојкоски информира дека во образованието се реализираат инвестиции во вредност од 150 милиони денари, вклучително и доградби на основните училишта „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, „Јоаким Крчоски“ и „Страшо Пинџур“. Во училиштето „Димитар Поп Георгиев -Беровски“ се воведува еколошки систем за греење, а преку меморандум со UNOPS во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“ се планира поставување топлински пумпи во училиштата и градинките. Обезбедена е и нова информатичка опрема за училиштата „Мирче Ацев“ и „Страшо Пинџур“, како и целосна обнова на училишните санитарни јазли во ООУ „Ѓорче Петров“, со пристапност за лица со попреченост.

Во тек е и изградбата на новата детска градинка во населбата Дексион. Исто така, Стојкоски кажа дека Општината продолжува со финансиска поддршка од 8.000 денари за секое новороденче и најавува нови мерки за младите, меѓу кои субвенции за обука и полагање возачка дозвола.

Во областа на спортот и младите се реализира изградба на нов спортско-рекреативен комплекс на „Шидска“, спортски комплекс на Полјана, обнова на спортските терени во ООУ „Тихомир Милошевски“ и поставување две текбол маси преку европски проект, како и нова рекреативна зона во Дексион. Општината активно учествува и во европски иницијативи, меѓу кои проектот UrbanGreenLeap за мултифункционален парк во Волково преку програмата Interreg Euro-MED, како и културната иницијатива „Скопје 2028“.

-Овие 100 дена се само почеток. Продолжуваме системски, одговорно и транспарентно, со јасна насока за развој на Ѓорче Петров – додаде градоначалникот Стојкоски.

Општина Ѓорче Петров најавува продолжување на започнатите проекти и нови инвестиции во наредниот период, со фокус на инфраструктура, образование, животна средина и поддршка на семејствата и младите.

Текстот Стојкоски даде отчет за сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат е превземен од МАКФАКС.