Израелската полиција употреби воден топ против демонстрантите кои трет ден по ред протестираа против одлуката на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го смени шефот на домашната разузнавачка служба Шин Бет Ронен Бар, а неколку демонстранти беа уапсени, пренесоа светските медиуми.

Израелците протестираат и поради одлуката за продолжување на војната во Појасот Газа, со која беше прекршен двомесечниот прекин на огнот, а Хамас се уште држи 59 израелски заложници.

„Многу сме загрижени бидејќи нашата земја се претвора во диктатура“, изјави Ринат Хадаши (59) во Ерусалим. „Тие ги напуштаат нашите заложници, игнорирајќи се што е важно за оваа земја.

Стотици демонстранти денеска отидоа во официјалната резиденција на премиерот, каде се обидоа да ги пробијат безбедносните кордони и се судрија со полицијата. Планирани се и протести пред воениот штаб во Тел Авив.

Дури и пред војната во Појасот Газа, десетици илјади Израелци учествуваа на редовни протести против напорите на владата да ги ограничи овластувањата на судството.

Од почетокот на војната, има редовни протести на семејствата и поддржувачите на заложниците кои ги држеше Хамас.