Заврши рокот за доставување забелешки и коментари за предлог законското решение за продажба на државното земјоделско земјиште. Стотици коментари осамнаа на Електронскиот регистар на прописи од каде се бара повлекување на предлог законот. Од ресорното министерство велат дека зебелешките ќе бидат земени во предвид со можност да се вметнат во веќе предложениот закон.
„Министерството за земјоделство ќе ги разгледа сите коментари дадени на ЕНЕР и ќе одговори на истите во официјална пропишана форма.Паралелно ќе се вршат консултации и ќе се организираат непосредни средби со засегнатите страни за објаснување на содржината на законот и придобивките од истиот. Откога ќе се одговорат коментарите дадени на ЕНЕР, ќе отпочне постапката за утврдување на предлог законот од страна на Владата“, наведоа од Министерството за земјоделство.
Земјоделците остро реагираат за начинот на кои Владата планира да го продава државното земјиште, сметајќи дека со нацрт верзијата само одредена категорија граѓани ќе може да си купат земјиште а во таа група не се земјоделците.
“Малите семејни земјоделски стопанства во најголем дел користат државно земјоделско земјиште, тие нема да бидат во можност да си ја откупат земјата зошто не можат да инвестираат во купување на земјоделско земјиште. Ние со години се соочуваме со ниски откупни цени и пласман на земјоделските производите“, рече Васка Мојсовска- Национална федерација на фармери.
Од иницијативата Граѓански фронт покрај доставените забелешки на ЕНЕР, испратиле барање до Владата и Претседателот на државата итно повлекување на нацрт законот. За нив неприфатливо е земјиштето по купувањето да може да се урбанизира што ќе го стави во ризик целиот земјоделски сектор.
„Со овој нацрт закон земјоделците не можат да купат ниту педа земја, напротив законот е направен олигарси и странци да купат огромни површини од македонската земја, и не само да ја купат туку и ќе можат и да ја урбанизираат и да прават ископ на минерални суровини од почвата. Со тоа што земјоделците не можат да откупат земјиште се прави удар на нив“, рече Јордан Трајов- Иницијатива „Граѓански Фронт“.
Според предлог законот парцелите ќе се продаваат на јавен оглас, а на лицитацијата почетната цена ќе се движи од 20 до 60 денари, во зависност од класата на земјиштето. Земјиштето треба да го користат најмалку 10 години и да го користат согласно бизнис планот со кој аплицирале. Може и да изградат објект на парцелата, но тој да биде во согласност со дејноста. По тој период земјиштето ќе може да го продава.
Андреа Чобанова