Ребрендирањето на ДУИ во зелена партија не значеше дека нивните членови ќе се откажат од профитот кога на агендата дојде на ред урбаното дивеење во општина Маврово. ИРЛ открива дека клучните институции ги дале дозволите за Радика во незаконски процедури, додека зделката за изградба на планираните 87 вили ја добила фирма на поранешен директор на ДУИ и истакнат партиски член од Гостивар.
Во „Радика ресорт“ два месеца ниту се гради, ниту се урива. Градежните работи беа стопирани пред локалните избори со решение за уривање на девет објекти. Општината Маврово и Ростуше не ја спроведува сопствената одлука под изговор дека постојат административни препреки. Во меѓувреме сопственикот на ресортот, Косовецот Шериф Рамука, почна да ги нуди куќите на туристи каде едно ноќевање чини 250 евра. Во продолжението на сторијата за изградбата на приватното село „Радика“, ИРЛ истражуваше кои институции биле вклучени, а кои заобиколени во процесот на изработка и реализација на масовниот план за изградба на 87 куќи во заштитено подрачје во Маврово. Истрагата покажа дека локалната власт и во мандатот на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ и сегашниот од СДСМ ги суспендирала сите закони со кои треба да се заштити Националниот парк „Маврово“.
Главните откритија во ова продолжение се:
- Не се почитувал Законот за заштита на природа кој претставува приоритетен закон кога се носат плански документации, a се однесуваат на заштитено подрачје како национален парк.
- Општина Маврово-Ростуше не побарала согласност за изготвување на плански документации ниту од Министерството за животна средина, ниту од ЈП Национален парк „Маврово“.
- Многубројните промени на Законот за урбанистичко планирање ја создале можноста со Архитектонско-урбанистички проект (АУП) да се добива дозвола за градба.
- Општина Маврово-Ростуше досега ниту еднаш не постапила по донесено решение за отстранување на дивгорадба;
- Од изградбата на приватното село „Радика“ ќарила и фирма блиска до ДУИ.
- Првиот сопственик на „Радика ресорт“ кој ги истуркал административните процедури за изградбата на приватното село, Александар Пило, бил и македонски почесен конзул во Албанија.
- Градоначалникот Медат Куртовски признава дека нема намера да ги почитува процедурите и да ги спроведува решенијата за рушење на институциите.
Сопственикот под истрага, вилите на оглас
На интерент страницата „Букинг“ неодамна се појави оглас преку кој сопственикот на ресортот „Радика“ изнајмува десет луксузни вили. Едно ноќевање чини 250 евра, а куќите имаат капацитет за шест лица.
Вилите кои се изнајмуваат се дел од комплексот „Радика вилиџ“ кој треба да брои вкупно 87 објекти. Сите се изградени во ист стил, двоспратни и над 120 метри квадратни. Досега се изградени 17, а во процес на изградба се уште девет.
Луксузните куќи масовно се рекламираат и споделуваат и на социјалните мрежи од инфлуенсери во земјава и Косово. Планот на сопственикот, Косовецот Шериф Рамука, е дел од нив да ги издава, а дел да ги продава по цена од 220.000 до 300.000 евра.
Со првите гости тој веќе почна да ги враќа парите од инвестицијата, а македонските институции допрва ќе проверуваат како добил дозвола за градење во заштитеното подрачје на Националниот парк Маврово. Пред локалните избори Општината Маврово и Ростуше донесе одлука за уривање на девет објекти, МВР му поднесе кривична пријава за бесправно градење, а предмет отвори и гостиварското обвинителство.
Двете клучни институции задолжени да ги штитат природните богатства од атакот на урбаните атентатори, Министерството за животна средина и Јавното претпријатие Национален парк „Маврово“ дури сега почнуваат постапка за ревизија на планот за изградба на масовниот проект „Радика вилиџ“, кој е донесен уште пред три години.
ДУИ е секогаш во игра
Инвеститорот ја одбрал фирмата „Дрита Мемедали“ од Гостивар да ги гради луксузните вили. Оваа компанија долги години е во директна сопственост на истакнат член на ДУИ од Гостивар Мемедали Џафери.
Фирмата ја формира во 1990 година за трговија со овошје и зеленчук, а од 2011 се трансформира во градежна фирма и почнува да добива тендери од две општини – Гостивар и Маврово и Ростуше.
Со победата на ДУИ во Гостивар во 2013 година Мемедали Џафери добива политичка функција. Градоначалникот Невзат Бејта го именува за директор на јавното претпријатие „Комуналец“. Истата година неговата фирма „Дрита Мемедали“ го добива тендерот за новогодишно украсување на Гостивар, а склучува и договор за оддржување на јавното осветлување во Маврово – Ростуше.
Во 2014 Џафери се повлекува од сопствеништвото на фирмата, откако тогашниот лидер на опозициската НДП, Руфи Османи, ќе ја алармира јавноста дека „Дрита Мемедали“ добива тендери од комуналното претпријатие каде тој е директор.
На местото на Мемедали Џафери како сопственик доаѓа Мерсељ Џафери, негов близок роднина. Семејната фирма продолжува да добива тендери и во наредните години, а особено била блиска соработката со општината Маврово и Ростуше. И во мандатот на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ и неговиот наследник од СДСМ.
Сопственикот на „Радика ресорт“ ја одбира токму фирмата „Дрита Мемедали“ да ги гради неговите куќи. Ова во разговор со новинарите на ИРЛ го потврди директорот на „Радика Ресорт“, Предраг Милошевски. Досега се комплетно изградени 17 кои се со одобрение за градба, а почната е градбата и на уште девет за кои се платени комуналии, но наместо дозвола за градење, донесено е решение за уривање.
Сегашниот официјален сопственик, Мерсељ Џафери, за ИРЛ потврди дека „Дрита Мемедали“ е изведувачот на вилите од проектот село „Радика“, но негира дека ги граделе и спорните девет објекти. Се закани дека доколку го објавиме името на неговата фирма, ќе поднесе тужба против новинарите на ИРЛ.
Поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта рече дека веќе не е во контакт со Мемедали Џафери и не му е познато дека фирмата „Дрита Мемедали“ ги гради луксузните куќи во Маврово.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на прашањата на ИРЛ одговори по СМС порака. Рече дека не го познава Мемедали Џафери и изостави да ни даде став за улогата на ДУИ во бетонизацијата на Маврово. Оваа партија веќе 13 години го води Министерството за животна средина и просторно планирање, а од пред пет месеци целосно го промени концептот и идеологијата додавајќи си ја придавката „зелена партија“ со главен фокус на екологијата.
Почна во време на ВМРО-ДПМНЕ, се надгради во владеењето на СДСМ
Ексклузивниот ресорт „Радика вилиџ“ е идеја на албанскиот бизнисмен Александер Пило, откако во 2006 година заедно со тројца албански државјани, ја основа компанијата „Радика ресорт“ и станува сопственик на 170,000 квадрати државно земјиште. Пило е еден од најбогатите 10 Албанци во државата. Поседува медиуми, шопинг и забавни центри на најатрактивните локации во земјата, фирми за финансиски и банкарски услуги, а преку фирмата „Емигрос“ врши и други активности, како инвестиции на крајбрејжјето во Албанија.
Како инвеститор во земјава, во знак на благодарност Македонија му доделува уште една „титула“ во 2013 година. Тогашната Влада на Никола Груевски, го именува Пило за почесен конзул на Македонија во Албанија во новоотворениот конзулат во Драч.
Во 2017 фирмата „Радика ресорт“ до општината поднесува барање за изградба на десет викенд куќи. Дозволите се уште не се издадени, а Пило излегува од сопственичката структура и компанијата ја купува младиот 38-годишен Косовец Шериф Рамука. За да ја реализира идејата „Радика вилиџ“ Рамука подигнува кредит од 9 милиони евра токму од банката „Крединс банк“ од Тирана, во која Александер Пило е еден од сопствениците. Оваа информација е регистрирана и во официјалните документи во Централниот регистар, како хипотекарен долг на Рамука кој во банката го заложил целиот имот на „Радика ресорт“.
Бизнис – политичката врска на милионерот Александер Пило му ја прекинува Владата на Зоран Заев кога на седница одлучува почесниот конзулат во Драч да го затвори, а со тоа и го отповика од почесен конзул. Проектот „Радик вилиџ“ го продолжува и надградува Шериф Рамука.
Ничија земја
Во 1949 година тогашното Народно Собрание на НР Македонија донесува закон со кој шумските предели околу Мавровското поле поради особените природни убавини, историското и научното значење ги прогласува за Национален парк.
Урбанистичките планови за Маврово се менувале неколку пати од 1979 година наваму. Во промените се вклучувала и стручната јавност на државно ниво бидејќи 93 проценти од територијата на општина Маврово и Ростуше е во Националниот парк „Маврово“. Внимателно се планирало што, како и каде ќе се гради со цел да не се загрози уникатниот еко систем.
Сопственикот на „Радика ресорт“, Косовецот Шериф Рамука, кога го купил хотелот „Радика“ станал сопственик и на земјиште од 189.000 метри квадратни во Националниот парк.
Поранешниот градоначалник на Маврово од ВМРО-ДПМНЕ, Мукрем Мехмеди, тврди дека тој првите одобренијата за градба на десет луксузни вили во 2017 година ги издал врз основа на тогашен важечки урбанистички план за селото Леуново, во кој биле предвидени дваесетина објекти. Како подоцна се зголемил бројот на 87 вели дека не знае, бидејќи неговиот мандат заврши два дена откако ги потпиша овие одобренија.
„Колку што се сеќавам планот на инвеститорот беше да гради околу дваесетина викендички, а не 87. Но, што се случувало подоцна не знам. Се сеќавам дека барањето кое го поднесе во време на мојот мандат беше уредно со документација“, изјави Мехмеди.
За да се постави ограда, да се изгради чешма, да се сече шума, општината Маврово и Ростуше треба да побара стручно мислење од Секторот за природа, кој е посебен оддел во Управата за животна средина.
Маврово во изминативе години незапирливо се гради. Се изградија и во фаза на градба се десетици станбени згради, куќи, хотели, но локалната власт од 2015 година ниту еднаш не се обратила за стручно мислење до Управата за животна средина.
„Од страна на општина Маврово и Ростуше до Секторот за природа при Управата за животна средина од 2015 година до сега е доставено барање за добивање на стручно мислење само за Урбанистички план за село Битуше“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
За мавровскиот крај во 2006 година формирана е посебна институција Национален парк „Маврово“. Во нејзината мисија запишано е дека ќе врши непосредна заштита на територијата на Националниот парк, за што треба да поседува и чуварска служба која редовно ќе врши контрола на терен.
Сегашниот директор на ЈП Национален парк „Маврово“, Самир Ајдини, кој на функцијата е од август 2017 година или два месеци пред да биде одобрена изградбата на првите десет вили, тврди дека нивната чуварска служба која брои 16 лица е постојано на терен, но дека немаат надлежност да интервенираат доколку некој гради на приватен имот.
Екологот и поранешен раководител на Секторот за природа во Министерството за животна средина, Васил Анастасовски, со чудење констатира дека во овој случај е заобиколен и неиспочитуван главниот закон, а тоа е Законот за заштита на природа.
Во него пишува дека сопственикот на имот во заштитено подрачје е должен природното наследство да го чува, да се грижи за негово одржување и навреме да ги презема сите мерки за заштита и одржување. Анастасовски вели дека во случајот „Радика“ отсуствува улогата на двете најповикани институции – Министерството за животна средина и Националниот парк „Маврово“.
Кога во септември годинава медиумите почнаа да пишуваат за проектот „Радика вилиџ“, локалната власт и институциите загрижени за имиџот непосредно пред локалните избори, се растрчаа низ Маврово за да ги спроведат своите ингеренции кои требало уште пред три години.
Тогаш на терен излегува и Инспекторатот за животна средина кој направил надзор во „Радика Ресорт“ и го задолжил Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам во рок од десет дена да изврши инспекција на постапката за носење на Архитектонско-урбанистичкиот проект од 2018 година. Со овој архитектонско-урбанистички проект всушност за околу четири пати се зголемил планот за приватното село „Радика“ и за првпат во него е предвидено наместо дваесетина, да се изградат 87 луксузни вили.
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам сè уште не ги собрал потребните документи врз кои ќе може да донесе заклучок дали е законско носењето на Архитектонско-урбанистичкиот проект кој доколку се реализира, неповратно ќе го смени ликот на крајбрежјето на Мавровското Езеро и природниот пејсаж.
Локалната власт тврди дека Архитектонско-урбанистичкиот проект е донесен преку системот е-урбанизам во законска процедура, но токму таа процедура сега е предмет на проверка од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
„Направивме увид во електронскиот систем е-урбанизам на целата постапка. Заради недостиг на документација за донесување на заклучок, се обративме со барање за дополнителни информации до Општина Маврово и Ростуше, Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина“, велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Според информациите на ИРЛ, документите кои недостигаат во системот за е-урбанизам се токму оние кои ги пропишува Законот за заштита на природата, односно позитивното мислење од Министерството за животна средина.
Урбаната мафија најде начин да гради насекаде
Законот за урбанистичко планирање е клучен во сферата на урбанизмот. Со него се уредуваат целите на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, како и надзорот над спроведувањето на овој закон.
Професорот на Архитектонскиот факултет во Скопје, Мирослав Грчев, кој во 2005 година бил дел од авторите на Законот за просторно и урбанистичко планирање вели дека тој закон до 2016 година претрпел дваесетина измени, меѓу кои и можноста со Архитектонско-урбанистички проект да се добива дозвола за градба.
Во една од измените, во време кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, воведена е и локална и државна убанистичка планска документација, која му овозможува на министерот или градоначалникот да може само со потпис и печат да одобрат користење на простор. Со тоа, законски се заобиколувала процедурата која предвидува општината во процесот на донесување на планови да го изнесе планот на јавна анкета, можност кога граѓаните, невладините организации или активисти даваат своите забелешки и мислење.
„Тоа се направи за вон и во населени места. Јас тоа го обжалив на Уставен суд, меѓутоа, моите аргументи беа прифатени само за во населени места. И остана во законот на просторот надвор од населено место да прават што ќе посакаат. Од тогаш којзнае колку објекти се изградени без да ги поминат сите процедури кои ги поминува урбанистичкиот план“, вели Грчев.
Општина Маврово и Ростуше со години нема донесено Детален урбанистички план. Градби во последните години најчесто се одобруваат врз основа на Архитектонско – урбанистички проекти. Импровизациите кои ги овозможува Законот за урбанистичко планирање го искористува и инвеститорот на „Радика ресорт“ и во 2018 година во општината Маврово поднесува Архитектонско урбанистички проект. Во него се вцртани 87 луксузни вили за кои бара дозвола за градба.
Кога дозволата за градба се издава врз основа на АУП, јавноста нема увид во проектот. Ниту пак за него одлучува Советот на општината. Во таков случај се’ е оставено на волјата и визијата на надлежната власт. Во овој случај на градоначалникот Медат Куртовски. Тој во 2018 година преку системот за „е-урбанизам“ го одобрува Архитектонско – урбанистичкиот проект на Шериф Рамука и тој почнува да го реализира „Радика вилиџ“.
„На 15-ти септември“
Датумот 15-ти септември е врежан кај македонските граѓани како едно дамнешно неостварено ветување на Бранко Црвенковски дека „народот ќе ја земе судбината во свои раце“.
И овој 15 септември мештаните од Леуново ќе добијат надеж од локалната власт дека во Маврово ќе завладеат законите и јавниот интерес. Еден месец пред изборите општината носи решение за уривање на девет објекти од „Радика вилиџ“ кои се изградени без дозвола.
Локалните избори не му донесоа победа на стариот градоначалник Медат Куртовски. Демотивирани, граѓаните од оваа општина не излегоа на гласање и изборите беа неуспешни.
Не помогна ни кривичната пријава од СВР Гостивар против инвеститорот Шериф Рамука за бесправно градење која беше поднесена десет дена пред првиот круг. Во случајот се вклучи и Основно јавно обвинителство кое отвори предистражна постапка.
Куртовски не го избраа граѓаните, но Владата му даде мандат до новите избори да биде повереник на општината. Тоа значи дека тој и натаму ќе ја раководи локалната власт. Оттогаш поминаа два месеци. Решението за уривање не го реализираше ниту инвеститорот, ниту пак општината.
Како изговор зошто општината на ги урива објектите, оттаму велат дека не поседуваат соодветна механизација и ќе мора да објават тендер за избор на фирма која ќе ги руши вилите. Тендерот не е ниту во најава.
Градоначалникот Куртовски вели дека не знае кои се неговите надлежности како повереник на Владата и затоа засега не може да донесе никаква одлука. Ниту пак очекува дека воопшто ќе се објави тендер за уривање на спорните вили, бидејќи општината досега не постапила по ниту едно решение за уривање.
„Од искуство на други општини, бидејќи комуницираме меѓусебе, знаеме дека на такви тендери фирми не се јавуваат. Ние ова прашање го имаме дискутирано и на ЗЕЛС и имаше тогаш предлог да се избира фирма за рушење на регионално ниво, но како ќе биде сега со новите градоначалници, не знам“, вели Куртовски.
Градоначалникот сепак рече дека во тековниот годишен план за јавни набавки ќе ја вметне и фирмата за уривање на дивоградби.
Пишува: Ивана Настеска; Илустрации: Лука Блажев;/ИРЛ