Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски истакна дека поради суспензијата на исплатите од европската ИПАРД програма, над 130 милиони евра инвестиции во земјоделството се ставени во мирување, а земјоделците и компаниите се соочуваат со неизвесност и недоверба.
„Суспензијата на исплатите поради корупцискиот скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието предизвика шок, недоверба и огромна неизвесност кај илјадници македонски земјоделци и компании“, изјави Николовски.
Според податоците што ги изнесе, со суспендирањето на ИПАРД 3, блокиран е целиот буџет од 128 милиони евра, од кои дел веќе бил ставен во употреба за кофинансирање на земјоделски инвестиции.
„Досега има склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои се исплатени само 10 милиони. Над 180 инвестиции, вредни повеќе од 25 милиони евра, се директно погодени, а уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани,“ посочи тој, додавајќи дека овие бројки ги потврдило и Министерството за финансии.
Николовски нагласи дека зад бројките стојат луѓе, семејства и фирми кои вложиле сè во модернизација и очекувале поддршка од државата и Европската Унија.
„Тие денес се оставени без одговор кога и дали ќе им бидат исплатени средствата, дали воопшто ќе можат да продолжат со проектите,“ изјави тој.
Пратеникот нагласи дека ситуацијата претставува сериозен ризик за економски колапс во земјоделството и дека потребно е итно институционално делување.
„Ова е силен удар – програмата која беше симбол на развој и модернизација денес е на колена,“ рече Николовски, додавајќи дека владата и ресорните министерства мора да реагираат координирано и одговорно.
Тој го претстави планот на СДСМ за деблокада на ИПАРД, кој предвидува неколку клучни чекори:
Утврдување на фактичката состојба и институционалните слабости што довеле до суспензијата.
Изработка на акциски план, кој државата ќе го достави до Европската комисија, со јасни антикорупциски мерки, засилена контрола и поголема транспарентност во спроведувањето на европските фондови.
„Нашата порака до Брисел мора да биде јасна – ова е изолиран случај, а секој што е инволвиран ќе биде санкциониран,“ порача Николовски.
Николовски ја заврши прес-конференцијата со повик за институционална одговорност и системска промена во управувањето со европските програми.
„Време е да изградиме систем кој нема да зависи од поединци, туку од јасни правила, интегритет и отчетност. Само така ќе гарантираме дека европските средства ќе продолжат да се користат таму каде што им е местото – за поддршка на македонските земјоделци и развојот на руралните средини,“ рече пратеникот.
Текстот Стопирани 130 милиони евра за македонските земјоделци – Николовски предложи план за надминување на состојбата со ИПАРД по корупцискиот скандал е превземен од МАКФАКС.























