Стопанската комора на Северна Македонија продолжува со промоција на активностите за поддршка на извозните капацитети и конкурентност на македонските компании, што се остваруваат во рамки на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, којшто се реализира во партнерство со Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД до крајот на јуни 2025 година.

Стопанската комора на Северна Македонија денеска во Струмица пред стопанствениците од Југоисточниот регион ги презентираше можностите што ги нуди проектот за извозно ориентираните компании.

В.д. оперативниот директор за развој, иновации и знаења при Комората, Михајло Донев истакна дека акцент се става на двете основни цели на проектот – да се постигне подобрување на регионалната и меѓународната деловна соработка на македонските компании со пазарите на Западен Балкан и Европската Унија од една страна и зголемување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и нивна интеграција во регионални и глобални синџири на вредност од друга страна.

Од Стопанската комора на Северна Македонија информираат дека во првата година од Проектот (заклучно со јуни 2023 година) ќе бидат изработени студија за мапирање на регионалниот трговски и инвестициски потенцијал и анализа за извозните потенцијали кои ќе бидат појдовна основа за реализација на други активности како конференции за водење бизнис со ЕУ и регионот на Западен Балкан, Б2Б средби, купувачки мисии, изработка на „Платформа за дигитален извоз“ – Easy Export и Развој на Институт за извоз итн.

Пред присутните биле најавени и петте повици за поддршка на извозно ориентираните компании кои ќе бидат објавени во текот на неделата. Повиците опфаќаат директна помош на компаниите преку развој на стратегии/планови за извоз на пазарите, дигитална трансформација, имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и циркуларна економија и техничка помош за пристап до финансии, за кои избраните компании ќе имат техничка поддршка од страна на консултанти кои се експерти во дадената област.

Според проф. д-р Дарко Лазаров, главен експерт во изработка на анализата за извозните перформанси и идентификување на извозните потенцијали на македонската економија, Југоисточниот регион е значаен за македонскиот извоз и покрај тоа што учествува со 6-7 проценти (околу 450-500 милиони евра) во вкупниот извоз на земјата.

– Доминантни извозни производи од овој регион се примарно земјоделски производи (околу 16-17 проценти), прехранбени производи и пијалоци (околу 15-16 проценти), метали и метални производи (околу 14-15 проценти), производи од дрво и мебел (околу 14 проценти), облека (околу 14 проценти) и производи од гума и пластика (околу 6-7 проценти). За илустрација, релативното учество на извозот на примарно земјоделски и прехранбени производи од овој регион во вкупниот извоз на земјоделски и прехранбени производи од земјата изнесува 27 и 20 проценти, респективно, посочи Лазаров.

Смета дека она што е поважно за овој регион, согласно проекциите во рамки на анализата, е фактот што регионот има силни извозни потенцијали во наредниот период.