Бесплатни ПЦР тестови за странски туристи, олеснети околности за субвенционирање и итно формирање на Комитетот за туризам. Ова се трите барања на туристичко – угостителскиот сектор при Стопанската комора, кои Владата треба итно да ги имплементира. Од Комората велат дека за сите предлози е разговарано и се преточени во мерки, но засега не се имплементирани.

„Покрај носењето на мерки потребна е и нивна имплементација. Гледате на неколку пати упатуваме на фактот дека ние како деловен сектор разговараме и иницираме активности и мерки, имаме комуникација со Владата, но она што изостанува е имплементација на еден сериозен дел од тие мерки“, рече Даниела Михајлова-Стопанска комора.

– Advertisement –

Најважно според Комората е воведување на бесплатни ПЦР тестови за странските гости за да може полека да закрепнува овој сектор. Без странски туристи, секторот тешко ќе ја надмине кризата.

„Тестовите да бидат земани во сместувачкиот објект каде е сместена групата по упатено барање од сместувачкиот објект, а резултатите да бидат издадени на англиски јазик во рамки на 24 часа. Тестовите да бидат овозможени за државјаните на оние држави на кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичните земји“, вели Александар Кузмановски- Здружение на угостителски туризам.

Поради пандемијата туристичко – угостителскиот сектор е меѓу најпогодените дејности. Последните податоци од Државниот завод за статистика говорат дека бројот на странски туристи е намален е за 40 отсто додека бројот на ноќевања околу 50 отсто. Финансиските загуби се и до 90 отсто за разлика од 2019 година.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе