Стопанската комора на Северна Македонија ги оспори денеска пред Уставниот суд законските решенија кои овозможија неделата да биде неработен ден за повеќето вработени во земјава.
Како што извести на интернет страницата Уставниот суд, денеска од Комората биле поднесени две иницијативи. Во едната, подносителот ги оспорува членовите 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија објавен во „Службен весник на РСМ” 295/21.
„Се оспоруваат одредби коишто се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочни санкции. Според подносителот оспорените одредби биле во спротивност со слободата на пазарот и претприемништвото (член 8 алинеја 7), владеењето на правото (член 8 алинеја 3) и начелото на еднаквост (член 9) од Уставот“, ссоопшти Уставниот суд.
Во втората, во која подносител исто така е Стопанската комора на Северна Македонија се оспорува Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи објавен во „Службен весник на РСМ” бр.288/21, како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата во недела.