Денес, на плоштадот во Скопје се одржа настан – дел од проектот “СТОП за семејното насилство. Жртвите не се виновни!”, инициран од Билјана Ангелова, сопруга на Амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија. Настанот имаше за цел оддавање почит кон жртвите на семејното насилство и подигање на свеста овој проблем.

“Јавна благодарност до сите поддржувачи, Екселенции, Заменици Екселенции, Сопруги на Амбасадори, претставници на Општини, невладин сектор, медиуми и добронамерни луѓе кои денес ја изразија својата поддршка кон овогодинешната кампања “Стоп за семејното насилство. Жртвите не се виновни!“. Ги охрабрувам сите луѓе кои ја следат оваа иницијатива, а кои искрено се надевав дека ќе се повеќе особено по она што се случи неодамна, да продолжат да ја поддржуваат кампањата. Само на ваков начин, кога сме сите заедно обединети, можеме да се избориме со семејното насилство и насилството во целост, како сериозен проблем на денешницата и да работиме на негово сузбивање. Повикувам на зголемување на свеста на сите општествени чинители и нивно активно вклучување во вакви, исклучително важни и сензитивни каузи, затоа што доколку систематски не се поставиме кон овој проблем, истиот ќе продолжи да се зголемува, а со него, за жал и бројот на жртви. Затоа, да кажеме СТОП на семејното насилство!“ – изјави г-ѓа Билјана Ангелова, Иницијатор на проектот и сопруга на Амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија.