Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги поздрави санкциите воведени од страна на повеќе земји членки против Русија и додаде дека Алијансата ќе продолжи да ја поддржува Украина воено и финансиски, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шефот на Северноатлантската алијанса попладнево се обрати пред медиумите откако вчера рускиот претседател Владимир Путин ги призна самопрогласените “Народни републики“ Доњецк и Луганск, предизвикувајќи лавина реакции и санкции на Западот.
Столтенберг, сепак, нагласи дека Москва уште има простор да се повлече и да докаже дека сака мирно и дипломатско решение.
-Русија уште има избор да направи чекор назад, да избере дијалог и дипломатија, ние покажавме дека сме подготвени да седнеме и да разговараме со Русија во дух на доверба, рече Столтенберг и и порача на Русија дека не е доцна да не нападне.
Шефот на Алијансата исто така констатираше дека постои конфузија околу вчерашната одлука за признавање на Доњецк или Луганск, бидејќи не е јасно дали Русија одлучи да ја признае целосната територија на двете области или деловите на контакт линијата.
-Сепак одлуката дополнително ги зголемува заканите и нарушувањата, фактот што воопшто ги признаваат овие ентитети како независни држави, ова е причината за нашата јасна осуда и затоа ги поздравуваме санкциите, додаде генералниот секретар на НАТО.
Една од најзначајните последици на признавањето на независноста на Доњецк и Луганск дојде од Германија која го суспендираше договорот за „Северен тек-2“, што наиде на пофалби од страна на генералниот секретар, кој додаде дека Русија “беше предупредена дека ќе има последици“ за нарушувањето на суверенитетот и интегритетот на Украина.
За НАТО Москва е единствениот виновник за ескалацијата, и Алијансата е решена да продолжи да и испорачува на Украина опрема и финансиска помош за да се брани од руското воено присуство околу и на нејзината граница.
-Ја повикуваме Русија итно да го одбере патот на дипломатијата, ова е најопасниот момент за европската безбедност во една генерација, Европа и Северна Америка се обединети, рече Столтенберг, кој дополтиелно предупреди дека Русија се обидува да создаде повод за да нападне.
НАТО, рече Столтенберг, е подготвен дополнително да го засили своето присуство во источниот дел од Алијансата и принципот на “еден за сите, сите за еден“ во случај на напад врз земја членка на Алијансата ќе биде активиран.