НАТО е дефанзивен пакт и наша цел е да ги чуваме нашите 30 земји-членки безбедни. Ние не сме дел од овој конфликт и имаме обврска овој конфликт да не ескалира надвор од границите на Укриана. НАТО не бара војна со Русија, изјави на денешната прес-конференција генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по состанокот во Брисел на министрите за надворешни работи од Алијансата со Финска, Шведска и ЕУ.
Столтенберг, нагласи дека „Ова е војна на Путин“, „што тој ја избрал и планирал против недолжна држава“.
– Го повикуваме Путин да ги прекине воените дејствија и да ги повлече сите сили од Украина без никакви услови и да започне преговори, изјави Столтенберг.
Прашан дали денеска било разговарано за затворање на небото над Украина, Столтенберг, рече дека НАТО има обврска да не дојде до ескалација во полна војна во Европа.
– Единствен начин да се гарантира „зона без летови“ над Украина е да се распоредат сили… Ако го направиме тоа, може да резултира со полна војна во Европа и да вовлече многу повеќе земји. Затоа е нашата одлука да не ги инволвираме НАТО силите директно во Украина, ниту на земја, ниту на воздух, изјави Столтенберг.
Во однос за можната поддршка на земјите кои се „загрозени“ како Босна и Херцеговина и Грузија, Столтенберг, рече дека НАТО веќе дава различни типови поддршка на овие земји за јакнење на капацитетите.
– Немаме конкретен договор, но разговараме дека е неопходно да им помогнеме на овие земји за јакнење на нивните капацитети, изјави Столтенберг.
Ќе продолжиме, нагласи Столтенберг, да преземаме сè што е неопходно за гарантирање на безбедноста на сите НАТО земји членки, а веќе работиме и на јакнење на нашата координација и споделување на информациите со Финска и Шведска