Вонредниот самит на НАТО лидерите заедно со партнерите од Шведска и Финска се заврши со нова остра осуда за руската инвазија на Украина и зајакнување на военото присуство на НАТО на истокот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Генералниот секретар, Јенс Столтенберг, изјави дека НАТО вчера ги активираше елементите на НРФ, силата за одговор на НАТО (NATO response force) на копно, вода и воздух, со што се зајакнува подготвеноста на Алијансата да одговори на било кое сценарио.
НАТО става јасно до знаење дека било каков напад врз една од земјите сојузнички ќе биде третиран како напад врз сите, и ќе следува соодветен одговор.
Распоредени се над илјада трупи ширум Алијансата, над сто џетови во повеќе од 30 локации, како и 120 бродови од северот до Медитеранот.
-Ова е најсериозната закана за евроатлантската безбедност во децении, рече повторно Столтенберг, и за тоа има само еден виновник, рече тој, а тоа е Русија.
Военото распоредување на НАТО во источниот дел има за цел да спречи недоразбирања и да ги заштити сојузниците.
-Ова оди подалеку од Украина, барањата на Русија се НАТО да ја повлече својата инфраструктура во повеќе од половина наши членки, со спротивно се заканува со воени последици, затоа за прв пат ја распоредуваме НРФ во колективна одбрана, рече генералниот секретар.
Според НАТО барањата на Москва биле да се стави крај на проширувањето кон истокот, но и да се повлечат сите сили и инфраструктура од земјите членки кои и се придружиле на Алијансата после 1997.
Генералниот секретар се осврна и на можноста за активирање на членот пет за солидарност меѓу сојузниците и во случај на сајбер напад.
-Рековме дека кибер напад може да го активира членот пет, но никогаш не сме отишле во позиција да му дадеме на противникот привилегија да открие кога го активираме, одговори Столтенберг на новинарско прашање на оваа тема, и додаде дека НАТО ги зајакнува сајбер мрежите.
Истовремено врховниот командант на НАТО силите добива поголема слобода за раздвижување на силите и работи на механизмите за “деконфликција“.
Овие механизми се ад хок воени процедури кои имаат за це да се спречат напади по грешка или смртоносни последици врз војници на сојузничките трупи. Механизмите ги користеше САД во Сирија и служат како искуство за НАТО, објасни шефот на Алијансата.
Конечно, генералниот секретар реагираше и на изјавите од руската страна за подготвеност да се седне на преговарачка маса со Украина, во Минск и под услов Украина да го положи оружјето. Столтенберг оцени дека Русија треба да се повлече, но дека крајната одлука му припаѓа на украинскиот претседател.
-Ова е целосна инвазија на Украина, одат кон Киев и најавија дека целта им е промена на власта во Украина. Ситуацијата е многу непредвидлива, нема да шпекулирам, туку ќе изразам почит за украинските воени сили кои ја докажаа нивната храброст со тоа што се борат против поголемата руска сила. Што се однесува до потенцијални преговори меѓу Зеленски и Русија мојата порака е дека е на Зеленски и на владата во Украина да одлучи. Она што треба да го видиме е Русија да прекине со нападите врз Украина, тоа е најбрзиот пат до мирот, изјави Јенс Столтенберг.