„Нато покажа дека ги брани сите сојузници. Ние сакаме да најдеме политичко решение за кризата. Но вие мора да бидете подготвени и за најлошото“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг на денешната средба со премиерот на РСМ Димитар Ковачевски, на која се разговараше за состојбата помеѓу Русија и Украина.
Распоредувањето на силите на Русија Столтенберг го оцени како најголемо по студената војна.
„Со генералниот секретар Столтенбер разговаравме за ситуацијата со и околу Украина што претставува закана и за европската и за меѓународната безбедност. Како сојузник на НАТО ние се приклучуваме кон апелите до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог,“ изјави Ковачевски.
На средбата во седиштето на НАТО во Брисел, присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска.