Постојат странски влијанија, коишто на разни начини се обидуваат да го оспорат или да го спречат демократскиот напредок во земјата и влегувањето во ЕУ и НАТО, а притоа за тоа не се зборува многу. Ова во емисијата Дебати на ТВ Шења го изјави Филип Стојановски од невладината организација Метаморфорзис.

„Естаблишментот што беше на власт до 2017 г. на никаков начин не беше заинтересиран да се решаваат тие проблеми, па дури има и некои индиции дека имало одредено сојузништво, меѓу одредени политички сили, коишто тогаш беа моќни“, изјави Стојановски.

Тој додаде дека во склоп на проектот „Вистиномер“ се објавувани анализи за тоа странско влијание, кое не било препознато од македонското општество.
„Уште во 2014-2015 г. увидовме дека има медиуми или група медиуми, поврзани со одредена политичка партија, којашто промовира такви вредности, обратни од демократијата. Кои што објавуваа написи, што ја прославуваат да речеме моќта на руската армија“, вели Стојановски.

Тој додава дека тоа било толкувано како медиумско влијание од регионот, особено од Србија, бидејќи многу наши медиуми преземаат содржини, поради фактот што немаат сопствена новинарска дејност.