Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница за продолжување на кризната состојба со топлинската енергија, кажа дека не само оваа, туку активни се четири кризни состојби во Република Македонија – економска, здравствена, енергетска и топлинска. Тој додаде дека она за што треба да се дискутира во собранието е која е причината која довела до сите овие кризи.
-Јас можам да го прифатам аргументот дека дел од овие кризи се увезени, но јас тука можам да ви приложам многу аргументи зошто овие кризи се направени токму поради тоа што имате неспособни менаџменти кои треба да ги делегираат овие институции. Почитувани колеги од мнозинството, до сега енергетската криза нѐ чини 160 милиони евра, криза која се јави делумно затоа што е увезена, но само заради тоа што најголемите комбинати не произведуваат струја поради тоа што нема јаглен, заради тоа што хидроакумулациите се исушени, заради тоа што што не сме имале план како да го заштитиме интересот на нашите граѓани и ќе мора сега да претплатиме затоа што на некој му било поважно да зема тендери, да лапа пари и провизија а не да се грижи за граѓаните и нивниот стандард, рече Стојаноски.
Тој додаде дека струјата се покачила за 30%, горивата за само 12 месеци за цели 20 денари и дека има осум понеделници по ред како се качува цената на горивата во континуитет.