Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски го обвини градоначалникот на Аеродром дека прави криминал со парите на граѓаните. Како што вели тој, мафијата нема срам ниту кочница. Без усул се зема од државата и од буџетите на општините, додека народот станува се посиромашен, без заштита и без работа.

-Документите кои што излегуваат во јавноста за набавките и тендерите на Златко Марин ги минуваат сите граници на пристојност.

На пример, Златко Марин плаќа една ЛЕД сијалица за улично осветлување – за 48.000 денари! Внимавајте, сијалица – 48.000 денари, една! Само со едно брзо пребарување на интернет, лед сијалици за улично осветлување со истите карактеристики за кои што Марин плаќа 48.000 денари може да се најдат за 2,3,4, па еве и 5.000 денари. Колку овие 48.000 денари за сијалица се неверојатни, колку овие 800 евра за сијалица се набилдани, покажува и споредбата дека бандерата, столбот од 4 метри, со сите карактеристики и потреби за на неа да се стави сијалицата од 800 евра – чини 15.000 помалку, односно 33.000 денари. Бандера, 33.000, сијалица 48.000 денари.

Одиме понатаму, Златко Марин набавува обрач за кош! Само обрач, без табла, без мрежа – обрач за кош, без сите оние други елементи за да можат да играат деца. И за него плаќа 15.000 денари, точно 14.900 денаеи! Златко Марин, професор по физичко, набавува обрач за кош за 15.000 општински денари. Во време на епидемија, луѓето кога се оставени без заштита, седат затворени во полициски час, а тој дава 250 евра за еден обрач, а во продавница обрачи за кош се продаваат за 4.000 денари. Значи не на тендер, туку во продавница, во малопродажба.

Одиме понатаму, Златко Марин со пари од Општина Аеродром плаќа метална чешма за пиење вода за 65.000 денари! Над 1.000 евра за една чешма. Славина, вели замена на оштетена славина со таканаречена цуцла, со механизам за затворање односно „копче на притискање” тоа чини 7.000 денари. Само за отворање на вентилите на чешми наплаќа 6.600 денари! Отворање на вентил 6.600 денари. 65.000 денари чешма, отворање вентил 6.600 денари, славина со копче 7.000 денари! И така натаму, и така натаму. Сешто може да се најде во набавките на Златко Марин со Буџетот на Општина Аеродром.

Почитувани,

Ова е срамно. СДСМ нема ден да не е некој нејзин функционер фатен во криминален скандал. Златко Марин само пред некој месец беше фатен како се обидува да поткупи медиуми и новинари под превезот на наградна игра, што беше осудено од јавноста и од новинарско медиумските организации, вели Стоилковски.