Согласно владиниот став искажан од Бојан Маричиќ очекуваме денеска во владата да биде искажан совет до бугарскиот премиер дека не е работа на Бугарија да, цитирам „да кажува каде какво малцинство има во регионот“, и дека „тоа е внатрешно прашање на сите држави во регионот“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Како што вели тој, Маричиќ и Ковачевски од една страна се оградуваат од Македонците во Бугарија, велат дека тоа е внатрешно прашање на Бугарија, а истовремено виткаат кичма пред диктатот на Софија за промена на македонскиот Устав, отворање на преамбулата.

-Второ и многу важно, е Маричиќ и Ковачевски да кажат дали прифатиле Анекс договор којшто ќе ги преформулира членовите на Договорот за добрососедство, согласно коишто би се променила улогата, формата и целите на комисијата за историски прашања. Маричиќ јасно посочува „нова форма“  и го поставува прашањето дали таа комисија воопшто ќе егзистира, и во која форма“. Ова почитувани може да значи само едно, а тоа е промена, односно Анекс на договорот, за којшто Владата крие и молчи, вели Стоилковски.

Инаку, новиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ, на прес конференцијата со германската министерка за надворешни работи и Европа, Ана Лирман, изјави дека Северна Македонија не може да кажува каде и какво малцинство има во регионот.