ДКСК мора да отвори предмет и да покаже дали крвното сродство е пресудно за бизнисмени од СДСМ да добиваат тендери во скопска Дрисла. Антикорупциска мора да отвори предмет за механизацијата во Дрисла. Мора да се утврди зошто компанија којашто и сама поседува механизација, за изнајмување на багери за две години исплаќа 850 илјади евра на фирма заради којашто менувала и ставки во огласот од Дрисла? Притоа Договор е склучен во 4 очи. И над сето тоа дали стои крвно сродство меѓу добитник на договор, директор на ЈП со генералниот секретар на владата на СДСМ, праша денеска во изјава за медиумите, Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека ДКСК мора да отвори предмет и да испита наводите дали сестринството на мајките на Драги Рашковски и Александар Пиперевалиев биле пресудни фирмата на струмичкиот бизнисмен да фактурира 850.000 евра за две години од Дрисла?

Но, Рашковски од друга страна се огласи и вели дека неговата мајка нема сестра.

-Досега не сакавме да ја коментираме секоја невистина изнесена од страна на ВМРО- ДПМНЕ во однос на мојата наводна поврзаност со работата на јавното претпријатие ДРИСЛА, но не може да останеме и неми на забеганоста на тврдењата за некаква сестринска поврзаност. Кратко и јасно, мојата мајка нема сестра. Ете до таму е забеганоста и опседнатоста на ВМРО ДПМНЕ со Драги Рашковски“ се вели во неговата реакција.