Бојан Јовановски, осуден сопственик на телевизија за случајот „Рекет“, во отворено писмо посочува и обвинува дека семејството на Зоран Заев од секој тендер на РЕК Битола имало корист од определен процент. Тоа со еден збор е рекет! И веќе три дена нема ниедно оградување од Заев, од неговиот брат, именуван во отвореното писмо, ниту од било кој од енергетските власти коишто, да потсетам ја втурнаа државата во тешка енергетска и економска ситуација со катастрофални последици, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој побара институциите сериозно да се позанимаваат со ова писмо на Боки 13.
-Бојан Јовановски е неспорно близок соработник и човек со директен контакт со раководството на СДСМ и особено со Зоран Заев. Во писмото, Јовановски сведочи и посочува на „Рекет“ во којшто семејството на Зоран Заев добивало проценти од тендерите токму на РЕК Битола, додавајќи дека за сето тоа имал докази во неговиот мобилен телефон. За потсетување, мобилниот телефон на Јовановски е одземен од обвинителството за случајот „Рекет“, но не е направено вештачење досега, ниту беше искористен во обвинението, ниту пак му беше даден за да користи во одбраната на Бојан Јовановски.
Цитирам дел од писмото на Бојан Јовановски до Зоран Заев, „Јас сум живиот сведок на примопредавање на кеш пари стотици илјади евра од страна на и тука – стои име на добитник на тендер – кон вашиот брат Вице Заев во просториите на Меѓународен сојуз“, пишува Јовановски за случајот со тендерите токму во РЕК Битола.
Изнесените тврдења на Бојан Јовановски следат откако среде судница во своја изјава Бојан Јовановски гласно и прецизно посочи цитирам, „Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“. Сега во отворено место сведочи дека Вице Заев земал пари од газдите на фирмите кои што добивале тендери во РЕК Битола, за што како што вели постојат докази во неговиот мобилен телефон.
Молкот на Заеви и молкот на институциите не е одговор, институциите мора да ги истражат ваквите наводи, бидејќи се поинаку е соработка во тонењето на државата на сите листи на мерењата на криминалот и корупцијата.
Власта имаше намера да ја даде АД Славија по нереално ниска сума со обезвреднет имот во рацете на свој олигарх и ништо друго, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со Агенцијата за управување со конфискуван имот и законските обврски за продажба на акциите на АД Славија.
Стоилковски истакна дека проблемот е во тоа што не е направена реална проценка на имотот на АД Славија, која што би требало да изнесува неколкукратно повеќе од онаа која што беше дадена во тендер за продавање.
– Реалната проценка во таков случај ќе направи и реална проценка на акциите на АД Славија која ќе биде неколкукратно поголема од тие 200.000 евра колку што беше дадена цената за целокупниот имот. Сето ова од страна на власта беше направено за да по нереално ниска сума обезвреднет имот заврши во рацете на олигарси на СДСМ и ништо друго, потенцираше Стоилковски.