Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски обвини дека фирмите на Заеви со години се наоѓаат на листата на неплаќачи на данок, а ги штити директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Како што вели Стоилковски, поради тоа Лукаревска е унапредена во прв заменик на претседател во СДСМ.
-На листата на должници на УЈП, на листата неплаќачи на данок се и компаниите во коишто Заеви се сосопственици. Вице Заев е содружник во градежната компанија „Дравас Инженеринг“, која заклучно со август, лани, имала вкупен доспеан, а ненаплатен долг од 41 милион 325 илјади денари кон државата. Од нив 25 милиони денари се за ДДВ, 14,7 милиони денари за данок на добивка и 279 илјади денари за плати и за придонеси.
Втора компанија е „Сара Инженеринг“ со вкупен долг од 33 милиони 811 илјади и 500 денари, од нив за ДДВ се 13,5 милиони денари, за данок на добивка се 19,7 милиони денари и за плати и придонеси се 78 илјади денари.
Само со овие две компании, Заеви должат 1 милион 220 илјади евра данок кон државата.
На оваа листа е и фирмата „Сара Јавор Инженеринг“, чиј вкупен долг изнесува 16 милиони 204 илјади денари, од кои за ДДВ се 13,5 милиони денари и за данок на добивка се 2,1 милион денари.
Со тоа, само од трите фирми во кои сосопственик е Заев, кон државата должат речиси еден ипол милион евра, односно над 1 милион 485 илјади евра.
И ова се повторува со години, така, на листата неплаќачи во 2019-та пак беа фирмите на Заеви, како „Еленица“ со долг од речиси 10 милиони денари, додека „Дравас Инжинеринг” должела речиси 17,000,000 денари, по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка и по основ на персонален данок на доход, обвини Стоилковски.