Еден од најстарите национални рекорди на Македонија е оној на Исмаил Мачев на 400 метри во сала, постигнат пред 34 години, а сезонава неговиот ученик Јован Стојоски се доближи на само осум стотинки, резултат со кој избори норма за учество на ЕП.
Македонскиот атлетичар Јован Стојоски сезонава има ретка можност да го собори македонскиот рекорд на 400 метри во сала на неговиот долгогодишен тренер и ментор Исмаил Мачев. Стојоски пред три дена успеа да истрча резултат за норма за учество на Европското првенство во сала годинава во Полска. На митинг во Белград, Стојоски го освои првото место на 400 метри со време 47,57 секунди, доволно за норма за учество на ЕП.
Јован, кој е роден и живее во Белград, е репрезентативец на Македонија од 2019 година. Тој навлезе длабоко во атлетиката благодарение на Мачев, македонска атлетска легенда, кој долго време живееше и работеше во Белград, како атлетичар, а потоа и како тренер во Црвена звезда. Македонскиот рекорд на Мачев на 400 метри е 47,49 секунди, односно само осум стотинки подобар од времето на Стојоски. Тој рекорд е постигнат пред цели 34 години и оттогаш никој во нашава земја не успеал да го наттрча сега веќе покојниот Мачев во таа дисциплина. Неговиот ученик Јован сезонава се надева токму на тоа.
Стојоски повеќепати истакнувал дека за него многу би значело да го собори рекордот на својот ментор Мачев, атлетичарот и тренерот на кој му се восхитува.
– Сигурен сум дека ќе го соборам рекордот на Исмаил Мачев. Ми неостигаат само осум стотинки. Но времето ќе покаже кога ќе биде тоа – вели Стојоски, кој трча и на 100 и на 200 метри, но главна дисциплина му е 400 метри. На таа дисциплина ќе настапи на ЕП во Полска во март.
– На ЕП во Полска очекувам пласман во полуфиналето. Не размислувам на конечниот пласман. Секогаш го давам својот максимум, па така ќе биде и во Полска – вели Јован кој е рекордер на Македонија во дисциплините 200 метри во сала и на отворено и на 300 метри на отворено.
Сезонава план му е да настапи на Олимписките игри во Токио, на Европското екипно првенство на Кипар, на балканските првенства, на неколку меѓународни митинзи, како и на Првенството и Купот на Македонија. Стојоски вели дека е задоволен со своите резултати постигнати за Македонија во овој период.
– За сега сè си оди по својот тек, работиме редовно мојот тренер Марина Мишиќ и јас. Соработката со Атлетската федерација на Македонија е на висина, но секогаш може и подобро. Единствено многу ме нервира тоа што на мојот тренер Мишиќ не ѝ дозволуваат да биде со мене на големите натпреварувања. Тоа би требало да се подобри – вели Стојоски, кој е задоволен од тоа како е поддржан од тренерите и колегите репрезентативци, но главната поддршка му се тренерот и семејството.