Дезинформациите и пропагандата треба да се третираат како дел од пошироката слика за националната безбедност, смета Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“. Во својот коментар за состојбите со справување со лажни вести за ЦИВИЛ медиа, тој вели дека е важно да се делува системски со вклучување на повеќе фактори.
„Кога разгледуваме повеќе аспекти од дигиталните права, пред се ги гледаме информациите како национална безбедност. И во регионот, и пошироко на европско ниво како и со разни истражувања е утврдено дека навистина имаме наплив од дезинформации. Тие започнаа со поголем интензитет по руската агресија во Украина. Тие не дојдоа само од еден извор, туку, како што може да се забележи има трендови на дезинформирање кои постојат и претходно, а кои што се поврзани или со руски или со проруски извори на информации во западните земји или со преземање на национално ниво со преземање на информации кои што одговараат на одредени центри на моќ“, вели Стојановски.
Според Стојановски, дезинформациите служат и да се збуни населението заради постигнување на локални политички цели.
„Имаме исто така т.н. прекугранични дезинформации, односно прелевање на дезинформациите од една балканска земја во друга, како и други форми на манипулации кои не мора да содржат само лаги, туку каква било информација во обид да се поттикнат чувства, особено негативни чувства, да се внесе раздор и омраза, и да се нарушат демократските процеси и интеграцијата во регионот во Европа и во НАТО, но исто така да се попречат напорите да се помогне на Украина. Исто така служат да се пасивизира населението, да се изгуби верба во демократскиот систем и да се приклони кон опцијата, и кон некаква си политичка опција на диктатура, на владеење авторитарно која што ја промовира и Путин“, смета Стојановски.
На прашањето како може да се бориме со дезинформациите, Стојановски вели дека е потребно системски да се делува и да се здружат повеќе фактори.
„Ние имаме долгогодишно искуство во Метаморфозис со проверка на факти. Тоа е специјален жанр во новинарството. Откако нешто ќе се објави, се проверува неговата точнопст и се информираат граѓаните за веродостојноста. Но факт чекингот не е доволен, тој е неопходен во еден поширок систем којшто опфаќа, развој на професионално новинарство, медиумски плурализам, поттикнување на истражувачко новинарство, афирмација на медиумската писменост, различни пристапи за зголемување на образовното ниво. Значи невозможна е борбата без системско делување во кое ќе бидат вклучени сите општествени фактори, не само новинарите, не само невладините организации туку и институциите, образовните инстутуции па и приватниот сектор. Бидејќи на сите нас ни влијаат различни форми на манипулација, измами, комерцијални делувања, и затоа е многу важно сите да се бориме против нив на еден системски начин. Притоа да се задржи инклузивноста и човековите права односно правото на слобода на изразување.“, смета тој.
Ана Василевска