Во овој момент има еден активен пожар, што е ставен под целосна контрола и тоа во реонот на Липковската општина, поточно во шумите на Скопска црна гора, информира в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес – конференција.

Во текот на вчерашниот ден имало шест поголеми активни пожари на отворено, а последните десетина дена имало повеќе од 20 пожари на отворено и тоа во општините Чашка, Македонски Брод, Неготино, Гевгелиско Миравци…. Најчести причини за појава на пожарите, информира Ангелов, е човечкиот фактор и затоа апелираше до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат делумната забрана за движење во шуми, да не палат оган, скари и да не фрлааат догорчиња и отпушоци од цигари на отворено место.

Упати повик граѓаните да пријават пожар доколку забележат на бројот 195 на ЦУК или на 193 на Противпожарната служба.

Според Ангелов, лимитирани се можностите за гаснење на пожарите и појасни на кој начин се гаснат пожарите на отворено, при што информира дека најпрво задолжени за одговор се Национални шуми, од каде имаат свои тимови за гаснење на шумските пожари, како и Националните паркови кои се должни, подвлече, да имаат свои тимови во нивните паркови, но и ЈП Паркови и зеленило во Скопје кое стопанисува со шумите на Водно, Гази Баба и Градски парк и слично….. Потоа се територијалните противпожарни единици на локалната самоуправа, а во Скопје бригадата за противпожарна заштита.

Апелираше и до сите градоначалници да се погрижат нивната територијална противпожарна единица и тимовите, кои со закон се должни да ги имаат, да ги зајакнат и со опрема, но и со бројност, за да можат да пружат прв одговор при појава на посериозни пожари на отворено или шумски пожари.

– Секоја општина е должна да има тимови составени претежно од вработени во локалната самоуправа или други лица кои во случај на поголем пожар можат да бидат активирани во гаснење. Доколку овие сили на локалната самоуправа не се доволни, тие се должни да бараат помош од соседните општини. Ако и тие сили не се доволни се бара помош од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). ДЗС има два авиона кои моментално не се функционални односно не се функционални повеќе од две години и не може да се смета на нив, изјави в.д. директорот на Центарот за управување со кризи.

Додаде дека ДЗС има и тимови за гаснење пожари на кои може да се смета. Ангелов информира дека разговарал со директорот на ДЗС при што бил информиран дека се работи за надминување на затекнатиот проблем односно околу застојот на тендерот за сервисирање на двата авиона.