Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски се обрати на денешната собраниска седница, при што упати апел до сите пратенички групи да го поддржат одржувањето на Анкетната комисија предложена од над 75 пратеници и која се однесува на големите трагедии кои се случија во Република Македонија.
Стојаноски посочи дека пратениците и Собранието како орган има должност и обврска да ги даде одговорите на сите трагедии и за кои граѓаните сè уште имаат неодговорени прашања и дилеми дека не сите виновници се изведени пред лицето на правдата.
„Сакам да ги повикам сите пратенички групи да ја поддржат иницијативата од над 75 пратеници за одржување на Анкетна комисија за сите трагедии коишто се случија во Република Македонија. Сметам дека тоа е особено важно, бидејќи Собранието како орган има должност и обврска према граѓаните да ги даде одговорите на сите трагедии кои се случија, особено заради тоа што најголем дел од населението и практично, сè уште бара одговори и смета дека тие одговори кои се дадени на некои претходно случени трагедии не ги опфаќаат сите виновници кои треба да бидат најдени пред лицето на правдата“, рече Стојаноски.
Стојаноски, исто така, повика на внимателност, со оглед на фактот дека за една од трагедиите се води судски процес.
„Сметам дека треба да бидеме особено внимателни, бидејќи за една од тие трагедии се води судски процес и тоа, практично, ќе значи ние како орган, како пратеници треба да внимаваме и на нашиот дигнитет и соодветно на тоа да ги опфатиме сите оние трагедии кои се случија, за да можеме да им дадеме на граѓаните тоа што го бараат. А тоа е правда и конечно одговор на прашањето, кој е виновен затоа што тоа репетитивно се случува во нашата држава“, порача пратеникот Стојаноски.
Текстот Стојаноски со апел до пратениците да ја поддржат анкетната комисија за сите трагедии во Македонија е превземен од МАКФАКС.























