Наместо во градоначалничка фотелја, својот прв ден како градоначалник, Стевчо Јакимовски беше во обвинителна клупа, поточно во кривичниот суд. Но, наместо суштински одговори на прашањата ги обвини новинарите дека тие биле виновни и терале хајка против него. Јакимовски вели прашањата од новинарите биле смешни.

-Смешни ви се прашањата“, кажа неколку пати Јакимовски по прашањата за одолговлекувањето на судењето кое трае три години и дали ќе има време да присуствува на судењето и да ја обавува градоначалничката функција.

Потоа, тој им забележа на новинарите зошто не доаѓале претходно на судењето.

„Ова е срамота што го гледам пред мене. Очигледно, сите сте дошле оркестрирани од еден центар како медиуми. Сега очигледно некому тешко му паѓа победата што ја имам. Поштено и чесно сме работеле јас и моите вработени. Чисти сме како солза“, кажа Јакимовски, кој вчера ја презеде градоначалничката функција.

Денешното судење беше одложено, бидејќи адвокатот на Јакимовски имал контакт со заразени од ковид-19. Јакимовски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања додека претходно беше градоначалник на Карпош од 2011 до 2017 година.