Директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ вечерва на гостувањето на телевизија Телма изјави дека потешката клиничка слика која ја развива британскиот сој на вирусот, за жал носи и млади и здрави животи.
Стевановиќ истакна дека за разлика од изминатиот период кога поранливи биле постарите лица и оние со коморбитети, сега потешка клиничка слика се развива за многу пократко време и предизвикува проблеми и кај помладите и здрави пациенти.
– Новата варијанта на вирусот остава подруга слика и тоа не само во симптомите, туку и во тежината на болеста, времетраењето на болеста и во времето кога се појавуваат симптомите. Ако претходно научивме една динамика на негово развивање и очекувавме компликација 7-8 ден и потоа 10-11 ден како можност за наредно влошување на состојбата, сега се остава впечаток дека оваа варијанта дава влошувања и после 13-14 ден, но и на самиот почеток на болеста. Така што многу е непредвидлив и за жал развива многу потешка клиничка слика, истакна Стевановиќ во емисијата „Топ тема“.
Во однос на лекувањето, посочи, дека по ништо не се разликуваме од она што се применува во регионот и во светот.
– Ние имаме најниска бројка на починати на милион жители, но тоа ни оддалеку не е нешто за што човек треба да се пофали. Тоа се загуби кои секој бел мантил ги носи не само професионално, туку и емотивно, рече Стевановиќ.
Капацитетите на Инфективната клиника, како што соопшти, се во целост исполнети, но динамиката на испишување и прием на нови пациенти, дозволува да се опфатат и пациентите кои би дошле во следните денови. Дури и во случај кога капацитетите на Клиниката се исполнети, постои тесна комуникација со останатите ковид центри и досега, како што посочи, не е оставен ниту еден пациент незгрижен.