На последните седници на Советот на Општина Прилеп, на кои од страна на градоначалникот Дејан Проданоски, беа предложени две клучни точки – Ребаланс на буџетот и Измени и дополнувања на развојните програми за периодот 2025-2027, мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ според советникот од Левица, Жарко Стеваноски, го изгласало ребалансот спротивно на законот за финансирање на единиците за локална самоуправа.

„Од Развојните програми ги избриша сите проекти кои повлекуваа најголем процент од Буџетот на општината за 2025 година и на таков начин фиктивно го зголеми процентот на реализација на Буџетот за 2025 година. Практично Советот му помогна на Градоначалникот да фалсификува финансиски извештај за Општина Прилеп за 2025 година пред Министерството за финансии“, вели Стевановски и додаде дека Левица веќе има подготвено иницијатива за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторатот за локална самоуправа.

Дополнително, како што информира Стеваноски, ВМРО – ДПМНЕ одбиле да расправаат по предлогот на Левица со кој градоначалникот би бил задолжен да го конституира Одделението за внатрешна ревизија што, според партијата е законска обврска која Општина Прилеп ја игнорира уште од 2015 година. Внатрешната ревизија, додаваат од таму е клучен механизам за контрола и спречување злоупотреби на јавните средства, уреден со Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.

„Општина Прилеп побргу би плаќала парични казни заради неконституирање на ова одделение отколку да дозволи да биде контролирана во финансиското работење. Ова испраќа јасна порака до граѓаните, за што служи власта кога ВМРО ДПМНЕ е на власт“, вели Стеваноски.

Текстот Стеваноски: Советот му помогна на Проданоски да фалсификува извештај за буџетот е превземен од МАКФАКС.