Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, престојува во Србија, каде остварил средби со претставници на Македонците во оваа земја.
– Имав чест да ги посетам Панчево и Јабука, каде што се сретнав со претставниците на Националниот совет на Македонците во Република Србија и со Демократската партија на Македонците. На овие средби имав можност да се запознам со положбата и правата на нашите Македонци во Србија и со предизвиците со кои се соочуваат, информираше Стерјовски.
Во објава на Фејсбук тој напиша дека разговарале за “можностите за соработка меѓу Македонците во Албанија и нашите браќа и сестри во Србија”.
Во име на Македонците од Албанија, положил свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев во дворот на училиштето “Гоце Делчев” во Јабука.
-Од срце им благодарам на Македонците во Србија за топлиот пречек и гостопримство. Заедно сме посилни, напиша Стерјовски.