Ќе продолжиме да работиме со исто темпо, максимално посветени на зголемено производство на електрична енергија и во служба на граѓаните. Во тек e реализација на проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1.760 мегавати, што е повеќе од постојната инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM од 1.420 мегавати, порачува генералниот директор на компанијата Васко Стефанов во интервју за МИА.
Домашното производство, како што вели, е најевтино и затоа го зголемуваат.
-Во изминатиот период, во услови на енергетска криза, успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа ја намаливме зависноста од увоз на скапа струја. АД ЕСМ успеа да ја изменаџира енергетската криза со електрани стари по 40, 50 и 60 години, нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно континуирано санирање и одржување, посочува Стефанов во интервјуто кое го пренесуваме во целост.
Неодамна бевте назначен на функцијата генерален директор на АД ЕСМ. Во каква состојба ја презедовте компанијата?
-На функцијата генерален директор на АД ЕСМ стапив на почетокот на април 2023 година. Изминатиот период во навистина отежнати услови АД ЕСМ успешно се справи со енергетската криза и со ковид кризата. Иако АД ЕСМ работела во такви услови, сепак изминатата 2022 година ја завршува со добивка, а тоа зборува дека менаџирањето на компанијата било успешно. Покрај тоа што АД ЕСМ 2022 година ја завршува со добивка, дополнително во 2022 година во февруари е остварено најголемо дневно производство на електрична енергија во изминатата деценија. Покрај ова, беше вклучен и ТЕЦ Неготино, што беше заборавен капацитет. Во иднина ќе продолжиме да работиме со исто темпо, максимално посветени на зголемено производство на електрична енергија и во служба на граѓаните.
Дали планирате да ги продолжите веќе започнатите проекти во делот на обновливи извори на енергија, особено изградбата на фотоволтаичните електрани по принципот на јавно приватно партнерство и евентуалната изградба на реверзибилната хидроелектрана Чебрен?
-АД ЕСМ од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција, односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената Стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио.
Во тек e реализација на проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1.760 мегавати, што е повеќе од постојната инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM од 1.420 мегавати. Во 2019 година АД ЕСМ ја купи и ја стави во функција когенеративната гасна електрана КОГЕЛ од 30 мегавати која е приклучена на постојниот систем на подружницата Енергетика-Скопје.
Во април 2022 година пуштена е во тест производство 10-мегаватната фотоелектрична централа Осломеј-1, прва таква електрана во државна сопственост. ЕСМ ја изгради во екстремно отежнати услови за работа во ковид криза и енергетска криза. Ова е прва фотонапонска електроцентрала во Југоисточна Европа изградена врз стар рудник за јаглен. Во тек е постапката за изградба на уште една сончева електроцентрала од 10 мегавати во Осломеј, во целосна сопственост на АД ЕСМ, како и изградбата на две фотонапонски електроцентрали од по 50 мегавати (вкупно 100 мегавати) во Осломеј, како јавно-приватно партнерство на АД ЕСМ.
Дури четири фотонапонски електрани од 280 мегавати (20+60+100+100) ќе се градат во РЕК Битола, исто така на локација на стари рудници, и со својот капацитет ќе заменат еден блок од РЕК Битола. Когенеративна гасна електрана од 250-400 мегавати ќе се гради во РЕК Битола и ќе замени 2 блока од термоелектраната. Во тек е изградба на топловодот од РЕК Битола до Битола, Новаци и Могила, кој ќе обезбеди парно греење за институциите и жителите во трите општини.
АД ЕСМ закупи 10 отсто од капацитетот за течен гас во гасниот терминал во Александруполи, Грција, односно 550 милиони кубни метри течен гас годишно за период од 15 години. На крај е постапката по владиниот повик за избор на компанија која ќе ја гради хидроелектраната Чебрен, во јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ. Во тек се активности за заокружување на инсталираниот капацитет на ветерниот парк Богданци – втора фаза, со додавање дополнителни турбини, со инсталирана моќ од 14 мегавати. Во тек е и постапка во трета фаза од ревитализација на хидроелектраните, во вредност на инвестицијата од 28 милиони евра.
Во каква состојба се производствените капацитети на ЕСМ?
-Во изминатиот период, во услови на енергетска криза, успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа ја намаливме зависноста од увоз на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме.
АД ЕСМ успеа да ја изменаџира енергетската криза со електрани се стари по 40, 50 и 60 години, нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно континуирано санирање и одржување. Во изминатите години направени се капитални ремонти во РЕК Битола кои не беа направени подолго време, вложени се средства и време и работа се со цел да се зајакнат, да бидат поиздржливи и посигурни во производниот процес. Рехабилитирани се и хидроелектраните.
Го вклучивме и ТЕЦ Неготино за само 40 дена. ТЕЦ Неготино беше ставен во функција и во 2022 година произведе 412.692 мегават часови електрична енергија, а заклучно со 31 март оваа година произведе 321.870 мегават часови.
Се донесе нов трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола и блокот беше ставен во функција за многу брз рок. Не само што се донесе трансформаторот што е тежок 240 тони и од Турција се пренесуваше со специјална композиција, преку копно низ Турција, бродски до солунското пристаниште и од таму повторно по копно до крајната дестинација – РЕК Битола, туку и се реставрираше стариот трансформатор кој сега стои како резерва.
Дали и кога ќе почнете со редовните ремонти на капацитетите?
-Како и секоја грејна сезона, без оглед дали сме во енергетска криза или не, така и за претстојната грејна сезона подготовките се веќе започнати. За успешно справување со било какви предизвици и непредвидливи ситуации најважно е да се биде подготвен и сите капацитети да бидат на располагање. Минатата грејна сезона успеавме да го ставиме во функција ТЕЦ Неготино, иако никој не веруваше дека ќе започне со производство за толку брз рок. Моментално во ремонт е ТЕЦ Неготино, се работи на редовни ремонтни активности со цел да се подготви капацитетот за следната грејна сезона. Ремонтот е со траење од 75 дена. Други покарактеристични активности кои може да се издвојат се: капитални ремонти во ХЕЦ Козјак на генератор 2, во ХЕЦ Глобочица на генератор 1 и ХЕЦ Шпилје на генератор 1 и капитален ремонт на ТЕ Битола 2, и редовни годишни ремонти на ТЕ Битола 1, ТЕ Битола 3 и ТЕ Осломеј.
Ќе може ли и следната грејна сезона да помине без проблеми во делот на снабдување со електрична и топлинска енергија, како што помина претходната, доколку повторно бидете задолжени да управувате со системот за централно греење во Скопје?
-АД ЕСМ успеа да ја изменаџира енергетската криза со електрани стари по 40, 50 и 60 години, нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно континуирано санирање и одржување.
Во изминатите години направени се капитални ремонти во РЕК Битола кои не биле направени подолго време, вложени се средства и време и работа се со цел да се зајакнат, да се направат поиздржливи и посигурни во производниот процес. Рехабилитирани се и хидроелектраните.
Во услови на најголемата светска енергетска криза и покрај безбројните шпекулации, лажни вести, неосновани црни сценарија, АД ЕСМ заедно со Владата успеа за граѓаните да обезбеди сигурно, стабилно снабдување со струја и парно од почетокот до крајот на грејната сезона.
Граѓаните имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона. Зголемено беше домашнотп производство на електрична енергија. АД ЕСМ обезбеди 100-отстотно снабдување со електрична енергија, иако по закон требаше 60 отсто.
Паралелно АД ЕСМ го презеде и греењето со топлинска енергија во главниот град. Со многу напорна работа, посветеност и голем ангажман, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време – сигурна електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции.
На плоштадот „Македонија“ во Скопје веќе почна доизградбата на објектот до хотелот „Мериот“ и се работи на фасадата на „Офицерски дом“. Дали ЕСМ планира да направи било каква фасада на објектот кој сега изгледа како руина, а е лоциран во строгиот центар на градот?
-Зградата на АД ЕСМ беше еден од најзначајните објекти на модерната архитектура од 1960-тите и 1970-тите години.
За жал, сите обиди АД ЕСМ да може да ја користи новата зграда и да ја продаде или отстапи старата, не вродија со плод, односно и покрај повеќето најави дека настаната правна состојба може да се реши, се уште не е разрешена, односно зградата да не може да добие употребна дозвола и да не може да се изврши технички прием.
Од тие причини, АД ЕСМ е изложен и на трошок за инвестиција во нова зграда која не може да ја користи, и на трошок за санирање и уредување на старата зграда во која нема соодветни услови за работа внатре, ниту соодветна фасада и изглед од надвор. Исто така, Град Скопје, Општина Центар и АД ЕСМ бараа ново урбанистичко решение за зградата, но се наиде на различни толкувања околу надлежностите.
Сега по завршувањето на оваа грејна сезона, во која АД ЕСМ доби и дополнителни обврски со менаџирање и на парното греење во Скопје, брзо ќе го вратиме во фокусот прашањето кое се однесува на фасадата на зградата на плоштадот.
Што планирате да правите со новиот објект на ЕСМ, лоциран во непосредна близина на старата железничка станица?
-Ситуацијата е затекната како проблем уште при промената на власта во 2017 година, а до тоа е дојдено поради необезбедување дозволи за измени во тек на градба во текот на годините додека објектот се градел. Во моментот АД ЕСМ, Министерството за транспорт и врски и другите надлежни субјекти се во фаза на изнаоѓање решение за ставање во употреба на новата зграда.
Валентин Јанковски
Фото: Дарко Попов