Шефот за комуникации на премиерот Кир Стармер, Тим Алан, денес поднесе оставка, велејќи дека тоа го отвора патот за нов тим кој ќе го поддржи британскиот лидер, кој е критикуван поради неговата одлука да го назначи Питер Манделсон за амбасадор во Соединетите Американски Држави.

Заминувањето на Алан доаѓа само еден ден откако најблискиот помошник на Стармер, Морган МекСвини, поднесе оставка од функцијата шеф на кабинетот, велејќи дека ја презема одговорноста да му препорача на премиерот да го назначи Манделсон, чии блиски врски со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин ја доведоа во прашање проценката и способноста на Стармер да владее, пишуваат медиумите.

Стармер им се обрати на вработените во неговата канцеларија на Даунинг стрит, повикувајќи ги да останат обединети. „Мора да докажеме дека политиката може да биде силата на доброто“, им рече тој.

„Верувам дека може. Верувам дека е. Ајде да продолжиме понатаму. Ајде да продолжиме со доверба додека продолжуваме да ја менуваме земјата.“

Британскиот премиер продолжува со својата работа и нема намера да се повлече, изјави неговиот портпарол кога беше прашан дали Стармер има намера да поднесе оставка поради случајот Манделсон.

Лидерот на опозициската Конзервативна партија, Кеми Баденох, го обвини Стармер дека е неспособен да ја води својата влада.

„Тој е како пластична кеса што се разнесува на ветерот. Треба да се собере и ако не може да го направи тоа, тогаш некој друг во Лабуристичката партија треба да го стори тоа или треба да имаме избори“, изјави Баденох за „Скај њуз“.

Текстот Стармер загуби уште еден советник поради аферата со Епстин: шефот за комуникации поднесе оставка е превземен од МАКФАКС.