Од денеска стапуваат на сила мерките што Владата ги воведе на граничните премини. За влез и за излез од земјава ќе се бара сертификат за извршена вакцинација односно примени две дози на вакцина, потврда за прележан Ковид во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или негативен брз тест за антигени тела не постар од 48 часа.
Владата првично донесе вакви мерки за влез во земјата, но вчера на седница ги прошири мерките и за излез од државата.
На вчерашната седница беше дополнета и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од седум дена доколку лицата при влез во земјава немаат негативен ПЦР тест, потврда за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19. Времетраењето на карантинот, како што вчера соопшти Владата, може да се скрати на пет дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест.
Ова ќе важи и за домашни и за странски државјани, а трошоците за изолација на странските државјани ќе биде на нивни трошок.
Исклучок од оваа мерка се домашните возачи на товарни возила, како и странските возачи на товарни возила кои транзитираат низ земјата.
Странските државјани кои ќе транзитираат низ државата ќе можат тоа да го сторат во рок од пет часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излез од земјава.
Од мерката за транзит, исклучок ќе се прави само за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјава. Наместо пет часа, за нив ќе се дозволи подолг транзит престој поради природата на нивната работа.