Меѓународните агенции Fitch Ratings и S&P Global Ratings го зголемија долгорочниот кредитен рејтинг на Бугарија во странска валута на ниво BBB+ со стабилна перспектива, што е највисоката степен од средниот инвестициски клас. Главна причина за ова зголемување е официјалната одлука на Советот на Европската унија за приклучување на Бугарија кон еврозоната, што ќе се реализира на 1 јануари 2026 г., јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Во образложението на S&P Global Ratings се наведува дека Бугарија ќе има значителна корист од сигурната монетарна политика на Европската централна банка и од развиените капитални пазари на монетарната унија. Со воведувањето на еврото, валутниот ризик значително ќе се намали.
Агенцијата оценува дека членството на Бугарија во Европската Унија и идното влегување во еврозоната и натаму обезбедуваат услови за спроведување на клучни економски политики.
Краткорочните изгледи за раст на бугарската економија се оценети како стабилни. Според проценките, економијата ќе порасне за 2,4% реално во 2025 година и со просечно темпо од 2,8% до 2028 година. Главен двигател ќе биде приватната потрошувачка, поддржана од високиот раст на реалните плати поради тесниот пазар на труд.
Fitch Ratings го разгледува воведувањето на еврото како позитивно за кредитниот рејтинг на земјата. Влезот во еврозоната ќе му овозможи на државниот долг статус на резервна валута, ќе ја зајакне монетарната рамка, ќе ги намали трошоците за трансакции и ќе го елиминира валутниот ризик за компаниите и домаќинствата. Дополнително, ќе се отворат нови можности за надворешно финансирање, а бугарските банки ќе имаат пристап до ликвидните механизми на Европската централна банка.
Агенцијата Fitch очекува реален раст на БДП од 2,8% во 2025 година, без промена во однос на 2024 година, бидејќи неизвесноста околу глобалната трговија се балансира со подобрената внатрешнополитичка состојба. Силниот раст на номиналните плати и зголемената потрошувачка пред воведувањето на еврото ќе ги поддржат стабилните расходи на домаќинствата. За 2026 година се прогнозира раст на БДП од 2,5%, со потенцијал за дополнително зголемување благодарение на евроинтеграцијата.