Тони ПОПОВСКИ

Се чини дека дилемата од насловот на колумната повторно станува актуелна кај нас, иако нејзината актуелност реално никогаш не се намали на Западниот Балкан. Потврда за второто се тековните состојби во Србија, Косово, БиХ, Црна Гора и донекаде во соседна Бугарија.

Дилемата од насловот беше политички актуелна кај нас безмалку во целиот период после грчкото вето на нашиот потенцијален прием во НАТО, кое се случи на самитот во Букурешт во 2008 година, па се до предвечерјето на т.н Шарена револуција, која го најави епилогот од коалициските преговори после одржаните собраниски избори во 2016 година и последичното заминување од власт на ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот тогашен премиер Никола Груевски. И покрај тоа што изборите во 2016 година, ВМРО ДПМНЕ ги доби со разлика од два пратеници, сепак не успеа да состави коалиција за понатамошно владеење. Непосредна причина за тој епилог беше одлуката на ДУИ да го замени долгогодишниот коалициски партнер со СДСМ како нов партнер во македонскиот блок на политички партии.

Ако се исклучат првите две години од владеењето на ВМРО ДПМНЕ кои лично би ги оценил како реформаторски и во таа смисла успешни, остатокот од тој 10 – годишен мандат го одбележаа девијации односно застранувања од демократијата, а кои практично кулминираа во 2015 година, во смисла дека таа Влада ја загуби „партнерската“ поддршка на западните либерални демократии. Непосреден повод беа трагичните настани во кумановската населба „Диво насеље“ кои се случија на 9 и 10 мај 2015 година, кога животот го загубија 10 припадници на нашите безбедносни сили и други 37 беа повредени во судир со уфрлена вооружена група од соседно Косово. Овие настани беа обид за дестабилизација на Републиката, но истите и денес се поврзани со низа контроверзии и шпекулации за суштинскиот придвижувачки мотив. Впрочем, Владата на Груевски во период од речиси осум години, опстојуваше меѓуостанатото, а можеби и најмногу поради парадигмата на САД и ЕУ за стабилност пред демократија, парадигма која беше пошироко аплицирана во нашиот регион, а донекаде е аплицирана и сега. Оттаму и потребата покрај безбедносно, политиколошки да се анализира хипотезата дека овие кумановски настани се случија поради во основа невешт и консеквентно многу трагичен обид за опстојување на таа парадигма, не само кај нас туку и во соседството, односно дека стабилноста е побитна од демократијата, и дека демократски девијации треба да продолжат да се толерираат.

За толерирање на девијациите придонесе и мигрантската криза со која истотака беа но и денес се поврзани безбедносни ризици, покрај тензиите на релација Србија – Косово, а кои во начело се рефлектираат во непосредното опкружување, а најмногу кај нас, но и во БиХ. Токму мигрантската криза и “успехот“ на Груевски да превенира понатамошни и последователни напливи на бегалци и политичко – економски мигранти, со херметичко затворање на нашите граници, создаде засега нераскинлива политичка врска помеѓу Груевски и Орбан, не занемарувајќи го и споделениот афинитет за т.н Крони капитализам (на другарчиња) и целосна контрола на медиумите и судството.

Сега да преминеме на врската на оваа парадигма со денешните случувања на политичката сцена кај нас, а по однос  на иницијативата за уставната измена.

Верувам дека многумина (без оглед дали пријатно или непријатно) се изненадени од упорноста на ВМРО ДПМНЕ категорично да опстои во отфрлањето на оваа инцијатива. Притоа од ден во ден,  партијата и нејзините зависно – независни апологети го засилуваат тонот и придружната реторика, со обвинувања кон соперниците и поинакво мислечките за национално предавство, портретирајќи се себеси како единствен заштитник на Македонците и на нивното загрозено опстојување во овој историски миг. Секако, повод и оправдување во јавноста за овој на прв поглед впечатливо силен пркос кон домашните соперници но и кон западните демократии, евидентната жилавост, тврдокорност и непопустливост, може да се најде и во хронологијата на настаните поврзани со нашиот сизифовски европски пат, но нештата стануваат  малку покомпликувани доколку се навлезе во политичката стратегија на партијата.

Првенствена целна група на ВМРО ДПМНЕ за собраниските избори, се неопределени избирачи Македонци кои имаат проблем да дигестираат последователни отстапки на европскиот пат. Притоа партијата веројатно калкулира дека нема да биде доволно да се ослони на сопственото гласачко тело, сочинето од нејзини лојални членови и симпатизери, а кое генерира стабилни близу 300 000 гласа, и дека за освојување на над 50 пратенички места во услови на слична излезност како во 2020 година (вкупно 912 186 гласа) ќе и бидат потребни дополнителни минимум 100 000 гласа.  Во сценарио тоа партијата да го постигне имајќи предвид дека анкетите укажуваат на ниска излезност, сепак има два аспекта кои можат да ја нарушат оваа (тажна или весела) математика.

Првиот аспект е собирањето на протестни и антиестаблишмент гласови од страна на Левица, кои можат дури и да се удвојат во споредба со освоените 37 426 гласа во 2020 година, и тоа повеќе на сметка на загубени потенцијални гласови за ВМРО ДПМНЕ отколку за СДСМ. Од друга страна и СДСМ се соочува со сличен предизвик поради популарноста на кумановскиот градоначалник Димитриевски, кој одзема гласови од нивното конто, но прашање е дали овие гласови можат однапред да се книжат на коалициско конто на ВМРО ДПМНЕ. Дополнително фрагментирање на политичката сцена може да настане и доколку Никола Димитров успее да излезе на избори со атрактивен тим на личности обединети во нова партија, лоцирана во центарот на политичкиот спектар. Притоа неопходно е навистина овој тим да биде доволно атрактивен за да  може иницијаторот да се потпре врз него во настојувањето јавноста да ги подзаборави неговите ефективни епизоди на соработка со ВМРО ДПМНЕ и потоа со СДСМ. Дури во тоа да успее политички еволуираниот како што сега се претставува, секако поискусен и несоменено харизматичен Димитров, тие гласови бидејќи се протестни, ќе се одземат од сметката на ВМРО ДПМНЕ и Левица, а помалку од сметката на СДСМ.

Вториот аспект е поврзан со ниската излезност која обезбедува осум пратеници повеќе за партиите во албанскиот политички блок. Второво е хендикеп за ВМРО ДПМНЕ имајќи предвид дека безмалку целосно им недостасува коалициски капацитет во смисла на изнаоѓање на сигурен и влијателен партнер во албанскиот политички блок. Оттаму и заклучокот за тековната стратегијата на партијата е дека се сведува на надеж за реактуелизирање на парадигмата за стабилност пред демократија. Односно, дека западните демократии во споредба со 2016 година, сепак ќе му „осигураат“ коалициски партнер(и) на ВМРО ДПМНЕ, поаѓајќи од премисата дека со оваа партија е поврзана мнозинска поддршка на Македонците, кои се мнозински народ во Републиката. Секако, теоретски можно е и сценарио за мнозинска моно-етничка влада предводена од ВМРО ДПМНЕ и Левица или замена на Левица со Димитриевски и Димитров, но со сериозни ризици по внатрешната стабилност.

Претпоставка е дека сите овие комплицирани математики би се избегнале доколку партиите недвосмислено се заложат и доследно се ангажираат за развој на силна демократија во Републиката, демократија која генерира стабилност. Прв чекор во таа насока би била определбата за водење на умерени политики во политичкиот спектар од десно и лево кон центарот. Во едни такви не толку далечни и неостварливи околности, сите водечки партии би имале коалициски потенцијал и би можеле да воспостават продуктивна соработка, наместо од едни до други избори државата постојано да се доведува на работ на внатрешна стабилност.

Превземено од Рацин.мк