Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро реагира на физичкиот напад врз новинарската екипа на телевизијата „Алсат М“, која известуваше за пожарот во отпадот за хаварисани возила во Визбегово.

Според информациите од колегите на терен, новинарот Авни Тахири и снимателот Шенол Хајредини биле физички нападнати од сопственикот на фирмата за отпад од каде започнал пожарот во Општина Шуто Оризари.

Напаѓачот насилно му го одзел телефонот на новинарот и му го фрлил во огнот, а го нападнал и снимателот по што му ја искршил камерата.

Според Министерството за внатрешни работи сопственикот на фирмата за отпад односно напаѓачот на новинарската екипа е уапсен, а Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници апелира нападот да биде целосно истражен и одговорниот да биде изведен пред лицето на правдата.

„Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз слободата на говор, но и врз правото на граѓаните да бидат информирани. Според последните измени на Кривичниот закон нападите врз новинари и медиумски работници се третираат по службена должност и за нив се предвидени сериозни казни“, велат од ССНМ.

Текстот ССНМ: Остра осуда за нападот врз екипата на „Алсат М“ е превземен од МАКФАКС.