Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат сериозна загриженост и најостра осуда на зачестените јавни напади, дисквалификации и етикетирања на новинари и медиуми од страна на политичката партија СДСМ.

Од таму велат дека последниот таков случај се однесува на јавното таргетирање и етикетирање на телевизијата АЛФА ТВ преку партиски соопштенија и јавни изјави, што, како што велат, претставува директен притисок врз медиумот и неговите новинари.

„Во изминатиот период, преку соопштенија на партиски ограноци, како и преку јавни изјави на лидерот на партијата и други високи партиски функционери, се забележува континуирана практика на таргетирање на новинари и медиуми со што се создава непријателска атмосфера кон медиумските работници. Оваа појава не може и не смее да се третира како изолиран инцидент, туку како јасна и загрижувачка тенденција која придонесува кон поткопување на слободата на изразување, медиумскиот плурализам и безбедноста на новинарите. Јавното етикетирање и дискредитирање на новинари и редакции од страна на политички субјекти носи ризик од дополнителна стигматизација и може да охрабри понатамошни притисоци и напади врз медиумските работници“, се наведува во заедничкото соопштение.

ЗНМ и ССНМ апелираат дека политичките партии не треба на ваков начин да комуницираат со медиумите и новинарите. Според нив, ваквиот тип на политичка реторика и конфронтација е неприфатлив кога е насочен кон медиумите.

„Медиумите не се и не смеат да бидат третирани како политички опоненти. Тие треба да бидат оставени слободно и без притисоци да ја извршуваат својата автономна новинарска улога, во интерес на јавноста и демократските процеси. Како еснафски организации кои ги застапуваат правата и интересите на новинарите и медиумските работници, апелираме до политичката партија СДСМ, но и до сите останати политички субјекти, да ги почитуваат професионалните стандарди, јавниот интерес и улогата на новинарството во демократското општество и да се воздржат од реторика која придонесува кон продлабочување на недовербата и притисокот врз медиумите. ССНМ и ЗНМ ќе продолжат внимателно да ги следат овие појави и да реагираат секогаш кога ќе бидат загрозени слободата на медиумите, професионалниот интегритет и безбедноста на новинарите“, пишува во соопштението.

Текстот ССНМ и ЗНМ: Остра осуда за континуираните напади и етикетирања на новинари и медиуми е превземен од МАКФАКС.