„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници најостро реагира на новото попречување на професионалното извршување на новинарската задача на екипата на ТВ М Нет од Штип и нашиот колега снимател Виктор Ефремов, кои, со непречени услови за работа се стекнаа дури по пријава и по полициската интервенција.

ССНМ повторно нагласува дека колегите мора да бидат заштитени при извршување на својата обврска, а таа во основа е од интерес на граѓаните и бара против попречувачите итно да бидат покренати соодветни пријави.

Со најновиот случај во Штип кога на екипата на М Нет од физичко лице им беа упатувани закани и погрдни зборови, ССНМ заклучува дека државата на ова поле и не постигнала кој знае каков напредок што се должи на досегашната пракса нападите, етикетирањата и деградацијата да минуваат без санкции.

„Не можам да си одам, јас сум исто како и полицијата што е тука“, беа реакциите на снимателот, кој близу 20 минути беше попречуван да си ја изврши работната задача.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во исто време реагира и ги осудува и непримерните коментари под видеото емитувано во живо на социјалните мрежи. Сметаме дека и во нивниот случај мора да постои противмерка односно форма која ќе го запре говорот на омраза кон професионалците во медиумите кои се на должност“, се вели во соопштението на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.