Законското зголемување на минималната плата за 400 денари не е доволно за да може граѓаните да ги подмират основните трошоци за живот. Наместо 15.400 колку што треба да изнесува минималецот според мартовското усогласување, синдикатите бараат од Владата да донесе одлука минималната плата да изнесува 16.976 денари. Според нив, работодавачити можат да исплаќаат повисоки плати и зголемувањето нема да им претставува дополнителен товар.
„Сметаме дека не е доволно, ова е усогласување, а не зголемување. Ние бараме да се донесе политичка одлука за едно зголемување на платата според стандардите на Европската Унија, а тоа би било 60 отсто од просечната плата, или народски кажано 16.976 денери“, рече Дарко Димовски-Претседател на Сојуз на синдикати.
– Advertisement –
Според податоците, околу 100 илјади граѓани во земјава земаат минимална плата, а во најголем дел се вработените во текстилната индустија. Од здружението „Гласен текстилец“ велат дека новото усогласување никако нема да влијае врз граѓаните.
„Дали некој размислува дека се зголемени производите и инексот на трошоците за живот, дали некој размислува дека минималната плата е скроз недоволна, дека две минимлани плати не стигнуваат до просечната плата.Овој период со корона кризата има зголемени потреби од здравстено осигурување и зголемна потреба на поголеми примања“, изјави Кристина Ампева- Здружение „Гласен Текстилец“.
Стопанските комори не одговорија на прашањата дали законското зголемување на минимлецот би можело да претставува товар на стопанството во време на корона криза. Податоците од Државниот завод за статистика говорат дека потрошувачката кошничка за претходниот месец изнесуваше 33.702 денари. Со усогласената минимална плата на едно четиричлено семејство кое прима две минимални плати ќе му недостигаат 3.000 денари за да ги покри само основните трошоци за живот како што се режиските трошоци, храна и пијалаци, здравствени услуги и лекови, облека и обувки, превоз, култура и забава.
Андреа Чобанова