Големи се шансите на втори и на седми април, доколку нема слух од спротивната страна, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) да излезе на протести, исто како и минатата година, најави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Место разбирање од Владата за покачување на минималната плата, Tрендафилов вели дека добиле ниски удари од политички структури на ВМРО – ДПМНЕ, партија која место во парламентот со останатите политички партии, се пресметува со ССМ.

„ Јас лично како Слободан Трендафилов не знаев дека сум толку јак да ја обединам цела опозиција да застане зад мене и да поддржи зголемување на платите на работниците, а од друга страна партијата на власт да се плаши од еден човек на кој планира да му ја скине главата. Тоа што сакам да го порачам денеска е дека нема да дозволиме апсолутно никому, без оглед дали доаѓа од власт или од опозицијата, како ССМ, како организација која постои 79 години во Македонија,  да ја напаѓаат. И не само да ја напаѓаат  туку да работат со политички наредби на локално ниво во јавните претпријатија како и во министерствата од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со наредба до нивните директори-полтрони на нивните раководители и шефови да прават упади во локалните организации на ССМ се со една цел, да го зајакнат КСС на сметка на работниците во Македонија, да прифати минималната плата да изнесува 24.400 денари“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.

Ги повика колегите од другите синдикати да кажат дали се за покачување на платите до 5 5 или сакаат заеднички да се изборат за 12,6 % покачување на платите на сите вработени во јавниот сектор како и дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари.

„Ако некој смета дека 24.400 денари е доволна плата за работниците во Македонија како минимална плата под која не може да се исплати нити една плата, а најниската плата во регионот е 457 евра во Србија, мислам дека ќе треба да ги запалат автобусите и да не преселат сите од Македонија, нешто што мислам дека треба да ги загрижи апсолутно сите“, рече Трендафилов.

И денес тој обвини дека Владата ги повлекла членовите од комисијата за утврдување репрезентативност за работниците да не можат да се изборат за предлогот 500 евра минимална плата, Владата пак да се оправда дека немала со кого да разговара.

Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела најави дека членови на комисија за утврдување репрезентативност ќе назначат на утрешната владина седница за може да се одржи седница на Економско – социјалниот совет и да продолжат преговорите за минималната плата да се искачи на 500 евра.

ССМ предложи покрај усогласувањето овој месец, минималната плата да се покачи за дополнителни 6.000 денари, износ за кој побара Владата или да се откаже од придонесите или да ги субвенционира во рок до 12 месеци.