Мерките за полесно справување со енергетската криза да се донесат до крајот на оваа недела или најдоцна до идната среда, се договорија денеска бизнисот и Владата. Од седницата на Економскиот совет не произлегоа конкретни одлуки. Компаниите ги повторија своите барања, а барања соопшти и Сојузот на синдикатите (ССМ).

Претставниците на стопанските комори, како што соопштија по седницата на Економскиот совет, очекуваат дека ТЕ-ТО ќе се стави во функција и дека ќе произведува струја поевтина од берзанската.

-Нашите мерки веќе ги сооптштивме, да се ограничуваат маржите на производителите на струја. Се согласивме во иднина во делот на можното снабдување со струја од странство и производството во нашата држава да се направи калкулирање, да се најде просекот и тој просек да се сподели. Ако е нашето прозводство 100 евра по мегават час, а увозната струја 300 евра, тој просек да се подели и компаниите да плаќаат струја на слободниот пазар по пониска цена од берзанската, изјави претседателот на Стопанската комора на северозапдна Македонија Неби Хоџа.

Според претседателот на Соузот на стопански комори (ССК) Трајан Ангелоски, можеби за сите 1 700 компании нема да има доволно енергија.

-Се разговараше ако се направат одредени комбинации со вклучување на ТЕ-ТО и обновливите извори на енергија, да се добие цена од 300 евра која државата на некој начин би ја понудила на реалниот сектор и таа би била фиксна. Можеби за сите 1700 компании нема да има доволно енергија, ќе се види кој може да издржи, тоа е индивидуално, рече Ангелоски.

ССМ бара повторно да се воведе мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи, како и платите во државата да го следат порастот на инфлацијата, но и порастот на синдикалната кошница.

-ССМ бара доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата како и утврдување на ваква одредба во општиот колективен договор за јавен сектор и општиот колективн договор за приватен сектор која ќе с еоднесува за сите работници и работодавачи, бара проширување на досегашни антикризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти како и проширување на повеќе прехрамбени продукти, но бара и повторно да се воведе мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза, истакна претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Тој објасни дека се бара да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (48.230,00 денари). Исто така бараме да бидат опфатени и категориите на средношколци и студенти кои се школуваат надвор од местото на живеење со субвенционирање на дел од трошоците од нивното сместување.

-ССМ бара и да се овозможи бесплатен градски превоз до и од работа со оглед дека таквиот трошок за вработените граѓани е секојдневен и неизбежен, а несомнено го оптеретува домашниот буџет, дополни Димовски.

На седницата на Економскиот совет присуствуваа и претставници од МАНУ и универзитетите.