Сојузот на синдикати на Македонија денеска ги повика пратениците од сите политички партии на разумност со апел утре да го изгласаат петтиот пакет антикризни мерки со кој меѓу другото е предвидена финансиска поддршка за плати за февруари и март.
– Сојузот на синдикатите на Македонија како единствен репрезентативен синдикат кој ги претставува интересите на 70.000 членови од јавниот и од приватниот сектор, бара и ги повикува пратеници од сите политички партии на разумност и свест дека е неопходно на закажаните зедници на Собранието за утре, да се изгласа петтиот пакет на мерки во кој покрај другото е предвидена и финансиска поддршка за исплата на платите на работниците од најпогодените сектори за месеците февруари и март 2021 година, а кој е блокиран веќе три месеци во Собранието, имајќи во предвид дека сега сме месец април, се вели во соопштението.
Од ССМ се вчудоневидени од односот на пратениците кон егзистенцијалните прашања на работниците и неизгласувањето на петтиот пакет мерки кој е неопходен за зачувување на работните места.
– Укажуваме на голем број на обраќања до Сојузот на синдикатите на Македонија како од работници, така и за прв пат од работодавачи кои побараа помош и поддршка од ССМ, а кои повеќе не можат да го издржат притисокот поврзан со обезбедување на нивна егзистенција и егзистенција на нивните семејства. Не дозволувајте како пратеници, подадената рака од работникот денес, да стане стисната тупаница утре, наведува ССМ.