Претседателството на ССМ и Советот на ССМ на денешните седници кои останаа отворени за да може да заседаваат во континуитет во наредниот период, како највисоки органи помеѓу два Конгреси на ССМ, донесоа Одлуки со кои Претседателството на ССМ е овластено за главен штрајкувачки одбор, кој во наредниот период ќе организира и спроведува разни облици на притисок како и да организира штрајк, по однос на утврдените барања на ССМ, а во зависност од преговорите на претстојниот состанок со Владата закажан за 31 јануари оваа година.
„Со одлуката се задолжуваат синдикатите согласно нивните Статути да ги спроведат сите постапки пред нивните органи и тела во насока на неопходност и солидарност со претстојните активности за спроведување на штрајкот и на разните облици за притисок и изразување на работничкото незадоволство“, се вели во соопштението од Синдикатот.
Како што нагласуваат оттаму, биле потврдени барањата следниве барања.
Прво, итно донесување на предологот на Законот од ССМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата со кој бараат минималната плата во бруто износ изнесува 26.476 денари или 18.000 денари ВЕДНАШ, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци и платите на останатите работници задолжително да се усогласат со порастот на минималната плата согласно Закон и колективен договор.
Второ, потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор, со кој, како што велат, ќе се врати изгубеното работничко право на регрес за годишен одмор за вработените во јавниот сектор.
„Штрајкувачкиот одбор во вторник по состанокот во Владата ќе утврди време и начин на изразување на работничкото незадоволство преку спроведување на штрајкот и разните облици за притисок и изразување на работничкото незадоволство, а во зависност од резултатот на преговорите.
Уште еднаш ги повикуваме пратениците во собранието сите заедно веднаш да го изгласаат предложениот Закон од ССМ за зголемување на минималната плата и сите останати плати согласно Закон и Колективен договор“, се вели во соопштението од Сојузот на синдикати на Македонија.