Сојузот на синдикатите на Македонија во ребалансот на буџетот кој вчера го презентираше министерот Бесими, не ги гледа парите за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, линеарно, по 2.086 денари.

„Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2.806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130.000 работници во државата, во време кога економската, енергетската криза и инфацијата ги јадат работничките плати“, се вели во соопштението.

ССМ и синдикатите бараа зголемување на платата уште од први мај и поради тоа на улица излегоа преку 7.500 работници кои јасно ја упатија пораката дека зголемени плати им се потребни веднаш, но очигледно пораката не е разбрана.

„Бараме итна средба со Владата на која ќе биде потврдено тоа што начелно беше договарано и истото да се реализира веднаш. Ако не биде постигнат договор за 2.806 денари сега, од септември истото ќе изнесува 18,4 отсто, односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно Закон, каде што рокот од шест месеци мора да се испочитува за што и Владата јасно истакна дека во рок од шест месеци ќе се усогласат останатите плати и од тоа назад нема! ССМ настојува да се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа барањето за зголемување на платите за 2.806 денари веднаш е солидарно решение, а во спротивно и од сигналите кои со ребалансот се испраќаат, солидарноста ќе ја снема и работниците ќе го бараат тоа што им следува по закон.

Потсетуваме: ПОДАДЕНА РАБОТНИЧКА РАКА МОЖЕ ДА БИДЕ И СТИСНАТА ТУПАНИЦА ВО БОРБАТА ЗА ЕГЗИСТЕНЦИЈА НА РАБОТНИЦИТЕ И НАШИТЕ ФАМИЛИИ“, се вели во соопштението од најголемиот синдикат во земјава.